„Во Стразбур беше постигнат голем успех за Бугарија. Им благодарам на бугарските европратеници кои вложија многу труд за поништување на овие дефиниции, кои првично беа вклучени во Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија“, изјавила потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова пред тамошните новинари по повод годишниот извештај на Европскиот парламент за напредокот на Македонија кон нејзиното пристапување кон Европската унија и бришењето на македонски идентитет и јазик од документот.
Според Јотова, ова е еден од случаите што покажуваат дека кога бугарските политички партии дејствуваат со еден став за бугарскиот интерес и се поддржани од бугарските институции на сите нивоа, резултатите се успех за Бугарија.
Според неа, писмото на претседателот на Бугарија, Румен Радев до челниците на европските институции и земјите-членки на Европската унија, исто така, придонел за оваа одлука.
-Отсега, Бугарија мора да ги брани правата на своите сонародници таму уште поуверливо и со самодоверба, додала потпретседателката.