ДЗР: ВМРО-ДПМНЕ потрошила најмногу средства во изборната кампања за ланските избори – 72% од законски дозволениот максимум

од Nikola Popovski
22 прегледи

Државниот завод за ревизија согласно Годишната програма за работа за 2024 година и член 85 од Изборниот законик, изврши финансиска ревизија заедно со ревизија на усогласеност на вкупните финансиски извештаи на сметките „за изборна кампања“ на сите учесници на Парламентарните избори во 2024 година.

Со ревизија беа опфатени вкупните финансиски извештаи на трансакциските сметки „за изборна кампања“ на: Коалиција „За Европска иднина“ предводена од СДСМ; Коалиција ,,Твоја Македонија’’ предводена од ВМРО – ДПМНЕ; Коалиција „Храбро за Македонија“ предводена од Граѓанска опција за Македонија – ГРОМ; Коалиција ,,Европски фронт’’ предводена од ДУИ; ПП ЛЕВИЦА; Коалиција ВЛЕН предводена од Алтернатива; Движење ЗНАМ – За Наша Македонија; Единствена Македонија; ПП Нова Алтернатива Скопје; ПП АВАЈА; Европско Граѓанско Движење; Македонска Ера Трета/Македонски независни листи; Твоја Партија; Родина Македонија; ПП ДЕСНА; ПП ДЕМОКРАТИ Скопје и Работничка партија.

За секој од учесниците во изборната кампања е изготвен посебен ревизорски извештај во кој е изразено мислење за вкупниот финансиски извештај и за усогласеноста со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

– Најголемо учество во вкупните приходи има Коалиција ТВОЈА МАКЕДОНИЈА предводена од ВМРО ДПМНЕ (37%), по што следат Коалиција за ЕВРОПСКА ИДНИНА предводена од СДСМ (25%), Коалиција ЕВРОПСКИ ФРОНТ предводена од ДУИ (15%), Коалиција ВЛЕН предводена од Алтернатива (13%), ПП Левица (4%), Коалиција ХРАБРО ЗА МАКЕДОНИЈА предводена од ГРОМ (2%) додека учеството на останатите учесници е под 1%, информира ДЗР.

Од страна на ДИК за ППР на радиодифузерите и печатените медиуми и интернет порталите, исплатени им се вкупно 244.769 илјади денари или 3.979.984 евра, за 16 учесници во Парламентарните избори 2024 година.

Во соопштението од ДЗР се наведува дека вкупните расходи направени од учесниците во изборната кампања за избор на пратеници се во износ од 386.710 илјади денари, од кои 140.261 илјада денари се плаќања од трансакциските сметки, 963 се расходи по основ на примени донации во не парични средства и 244.769 илјади денари се расходи за објавено ППР. Неискористените финансиски средства, од трансакциските сметки „за изборна кампања“ кои согласно финансиските извештаи се прикажани како расходи во вкупен износ од 717 илјади денари се вратени на сметките за редовно работење на политичките партии. Најголемо учество во вкупните расходи 63,3 проценти имаат расходите за платено полотички рекламирање, по што следат расходите исплатени од трансакциските сметки за набавка на стоки и услуги 36,3 проценти.

Исплатените средства од трансакциските сметки „за изборна кампања“ во вкупен износ од 140.261 илјада денари се однесуваат на плаќања за: набавка на материјали, други материјални расходи, комунални услуги, превозни-транспортни услуги, реклама и пропаганда, репрезентација, интелектуални услуги, сметководствени услуги, одржување на предизборни собири, изнајмување на простор за време на ИК, провизии за платен промет и надоместоци за банкарски услуги и други расходи.

Со извршената ревизија е утврдено дека ниту еден од учесниците нема реализирани расходи повеќе од законски утврдениот максимум. Најмногу средства се потрошени во изборната кампања за Коалиција ТВОЈА МАКЕДОНИЈА предводена од ВМРО ДПМНЕ (72% од законски дозволениот максимум), по што следат Коалиција за ЕВРОПСКА ИДНИНА предводена од СДСМ (49%), Коалиција ЕВРОПСКИ ФРОНТ предводена од ДУИ (29%), Коалиција ВЛЕН предводена од Алтернатива (25%), ПП Левица (8%), Коалиција ХРАБРО ЗА МАКЕДОНИЈА предводена од ГРОМ (4%), додека останатите учесници имаат потрошено средства во износ од 1% или под 1% од законски утврдениот максимум.

Слични содржини