Енчев бара Бугарија да го отповика својот амбасадор во Македонија и да не помага во справување со пожарите

од Nikola Popovski
220 прегледи

Бугарскиот дипломат и поранешен амбасадор, Велизар Енчев смета дека Бугарија треба да го отповика својот амбасадор во Македонија откако тој вчера беше повикан на разговор во македонското МНР. Енчев смета дека софиските власти не се должни да трпат навреди.

Според дипломатот, по вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски за бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, Бугарија не може да се преправа дека дипломатските канали функционираат нормално.

„Бруталните навреди кон нашиот министер за надворешни работи не се „инцидент“, туку дел од конзистентна антибугарска стратегија. Бугарија мора веднаш да го повлече својот амбасадор од Скопје „на консултации“. Нашиот амбасадор нема работа во главен град каде што е повикан на објаснувања и јавно навредуван. Бугарија не е должна да финансира, спасува од пожари и да отвора европски врати за земја што ја клевети преку сите можни канали“, советува Енчев во својата објава.

Според него, бугарското МНР „мора да објави замрзнување на политичкиот дијалог на високо ниво додека не се даде официјално извинување“, „да поднесе официјален извештај до Европската комисија за систематското кршење на духот на Договорот за добрососедство“ и „да создаде јавен регистар на антибугарски дејствија и изјави на македонски политичари, кој треба постојано да се ажурира“.

„Скопје го разбира само јазикот на силата. Меките формулации се перцепираат како слабост, што поттикнува уште поголем презир. Не можеме да добиеме почит ако не ја бараме. Не треба да зборуваме за добрососедство ако не наметнуваме последици за лошото соседство“, смета Енчев.

Откако шефот на бугарската дипломатија, Георг Георгиев го нарече премиерот Христијан Мицкоски „северномакедонски“, претседателот на македонската Влада го нарече „момче“ и дека неговите зборови се „исто како кога глушец напаѓа лав“.

Слични содржини