Бугарскиот историчар и член на Бугарската академија на науките, Спас Ташев ја коментираше размената на невкусни зборови меѓу бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев и премиерот Христијан Мицкоски. Тој упати силни критики кон македонските власти и го нарече премиерот „глушец што сака да биде лав“. Ташев испрати и националистички пораки за Македонија, слично како што истакнаа дел од бугарските и грчките европратеници во ЕП при дебатата за Извештајот за напредокот на земјава кон ЕУ.
„Глушецот Мицко, замислувајќи се себеси како лавот Мицковиќ, побара официјално извинување од Бугарија затоа што нашиот министер за надворешни работи Георг Георгиев во интервју за БТВ изјави дека Бугарија станала фактор во ЕУ и во регионот, со идеја дека Северна Македонија треба да го има ова предвид. Зборувајќи за премиерот Мицкоски, тој го нарече „северномакедонски“ премиер.
Сепак, тука нема ништо навредливо!
1. Бугарија е навистина фактор, судејќи според резултатите од гласањата во ЕП.
2. Северна Македонија е Северна затоа што зафаќа само 37% од северните делови од географската област Македонија. Со 37%, не можете да бидете само Македонија и само македонски премиер. Со 37%, можете да бидете само северно- македонски премиер, затоа што придавката изведена од Северна Македонија е северно- македонски. Постојат многу аналогии: севернокорејски, северен виетнамски, источен тиморски, западносахарски итн.
3. Идентитетот е исто така северномакедонски, бидејќи Македонија не може да тврди дека наметнува идентитет на преостанатите 63% од географската област на Македонија. Како што веќе видовме од дебатите во ЕП, грчките европратеници имаат силно изразен регионален македонски идентитет и го оспоруваат правото на Македонија да има монопол врз дефиницијата на „македонски“.
4. Официјалниот јазик е исто така северно македонски, бидејќи нема никаква врска со јазикот на населението во преостанатите 63% од Македонија. Бугарите во Северна Македонија сепак ќе треба да одлучат како да го нарекуваат овој јазик“, наведува Ташев.
Историчарот, исто како и софискиот министер, го нарекува македонскиот јазик „северномакедонски“.
„Некој ќе каже дека мојот јазик е саркастичен и несоодветен да коментирам за премиерот на братска земја. Па, погледнете ја изјавата на премиерот на оваа братска земја во врска со Георг Георгиев: „Мислам дека не треба да му даваме внимание и апелирам до вас, медиумите, оставете го тоа момче таму. Тоа е влада која ја води некој друг во позадина, тие луѓе мора да работат и му рекле, му дале задача, ајде сега, вклучи се. Тоа е исто како кога глушецот го задева лавот“.
Мицко се споредува себеси со лав, а за него Георг Георгиев понекогаш е момче, понекогаш стаорец, член на влада која некој ја контролирал одзади и му рекол да се зафркава со Северна Македонија…
Сфаќате дека вистинското глувче е Мицко и тој дава уште поглупави изјави. На пример, тој ги нарече мнозинството европратеници кои го исфрлија македонскиот идентитет и македонскиот јазик од извештајот за напредокот на Северна Македонија за 2025 година „талибанци“.
Сето ова е толку идиотско што сите на светот ќе го разберат освен глушецот Мицко, кој замислил дека е лавот Мицко. Но, не заборавајте дека ни Мицко не може да биде лав, тој може да биде само пародија на српските волци Вучиќ, Вуковиќ и Вујовиќ… Еве ја оваа света едноставност што ќе им ја објасниме на нашите европски партнери!“, напиша Ташев.