Интервју со Костовски: Граѓаните ќе ги казнат неактивните градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ кои ги преспаа мандатите, СДСМ има нова енергија

Максим Димитриевски преку криминални продажби и препродажби на земјиште си спечали 300.000 евра, вели Костовски за „Локално“

од Nikola Popovski
155 прегледи

Ирелевантно е позади која партија стој секој еден гласач, се додека сме обединети во идејата за промена и за прогресивно Куманово. Јас ве уверувам дека како кандидат ќе имам поддршка од сите кумановци, вклучително и разочарани членови од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Едноставно Максим ќе си замине, вели во интервју за „Локално“, организацискиот секретар на СДСМ и екс-пратеник Мартин Костовски откако неговата партија објави дека ќе биде кандидат за градоначалник на Општина Куманово.

Костовски верува дека граѓаните на овие избори ќе ја казнат, како што, вели расипничката политика, клиентелизмот и злоупотребите на сегашниот градоначалник и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски.

„Нашата понуда е чесна и програмски ориентирана исклучуво кон реалните потреби на граѓаните. Ние не ги делиме граѓаните по партиска припадност, за нас секој што сака промени и напредно Куманово е наш партнер. Тоа е нашата коалиција – со граѓаните. Куманово заслужува напредок. За жал и Македонците и Албанците, Ромите и Србите и Турците и Власите сите живеат лошо. Сите дишат загаден воздух, мака мачат со хигиена,сите се гушат во урбан хаос, сообраќаен метеж и ги споделуваат последиците од неработата на Максим“, посочува Костовски.

Членот на СДСМ информира и дека во судска постапка го добил пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски и треба да му исплати 2.500 евра отштета, а парите најави дека ќе ги донира.

„Повлекуваме амандмани во вредност од 180 милиони евра за да се пренасочат средствата кон институциите што се справуваат со пожарите. Ќе видиме дали ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже слух или ќе продолжи со ПР кампањи додека земјата гори. Време е за акција, не за обвинувања“, вели Костовски по барањата на СДСМ за средства од Буџетот за справување со пожарите и настраданите во Кочани.

Екс-пратеникот ја обвини власта и дека поради нејзина вина е избршан македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент односно дека „ветувале подобра преговарачка позиција, подобар договор со Бугарија, нова Преговарачка рамка…, а ништо не се оствари“.

Мартин Костовски против Максим Димитриевски, поранешни сопартијци, на „мегдан“ во Куманово. Каков епилог очекувате?

-Нормално дека во Куманово очекувам победа. На претстојните локални избори очекуваме подобар резултат од парлементарните избори. Очекуваме граѓаните да ги казнат градоначалниците на ВМРО ДПМНЕ кои 4 години ги преспаа своите маднадати и беа посветени првенствено на тедерски мрежи и бизниси, од кој се богатеа лично и ја полнеа партиската каса. Мојот град, Куманово 4 години е во застој, само 20% од проектите се реализирани. Земете го само за пример, мојот сегашен опонент Максим Димитриевски кој е синоним на бескрупулозно трошење на пари од општинската каса, и користење на позицијата градоначалник за свој лични и кумски интереси. Тоа го гледаат кумановчани, граѓаните ќе ја препознаат разликата меѓу празните ветувања и реалната програма што ќе ја понуди СДСМ и јас како кандидат за градоначалник на Куманово. Имаме тим, програма и јасна визија за урбан, модерен и функционален град, со поддршка и нова енергија која носи промена. Куманово денеска е тажна приказна, некако ја пропушта шансата да оди напред. Во Куманово граѓаните се оставени сами на себе.

Како партија ја почнавте рано кампањата против Димитриевски за наводни криминали, но тој на своја страна ги има „вмровските“ гласови, што му дава одреден степен на удобност. Како планирате да ги придобиете гласачите на своја страна?

-Нашите граѓани се мудри. Тоа што сега се случува во Куманово под водство на Димитревски, граѓаѓаните го гледаат. Гледаат кој навистина е Максим Димитриевски- политичар без чест, без принципи и без срам -задскриен под маската на „патриот“ и „борец за правда“ всушност трупа личен профит, тера криминал и се спасува од правни постапки. Го претвори Куманово во приватна фирма за полнење на неговиот џеб. Преку криминални продажби и препродажби на земјиште си спечали 300.000 евра.

Верувам дека граѓаните на овие избори ќе ја казнат расипничката политика, клиентелизмот и злоупотребите на Димитриевски. Нашата понуда е чесна и програмски ориентирана исклучуво кон реалните потреби на граѓаните. Ние не ги делиме граѓаните по партиска припадност, за нас секој што сака промени и напредно Куманово е наш партнер. Тоа е нашата коалиција – со граѓаните. Куманово заслужува напредок. За жал и Македонците и Албанците, Ромите и Србите и Турците и Власите сите живеат лошо. Сите дишат загаден воздух, мака мачат со хигиена,сите се гушат во урбан хаос, сообраќаен метеж и ги споделуваат последиците од не работата на Максим.

И ВМРО-ДПМНЕ ја почна кампањата против вас преку својот „јастреб“ Бране Петрушевски. Дали сепак има одреден страв во „Белата палата“?

-Хистеријата во ВМРО ДПМНЕ е резултат на нивниот страв и нервоза, што е многу очигледно.. Ако не се плашеа, немаше да напаѓаат, а уште повеќе да напаѓаат за нешто за што има судска одлука во моја корист, но очигледно во хистеријата заборавиле. Петрушевски изгуби во прв степен и треба да ми плати 2.500 евра отштета, пари кои штом ги добијам веднаш ќе ги донирам. Знаат дека СДСМ, и покрај сè, има стабилна структура и кадровски потенцијал. Нашите противници користат стари методи – напади, невистини, дезинформации – но тоа само покажува дека чувствуваат политичка несигурност. Слободно нека продолжат со вакви прочитани манипулации, ќе повторам народот на Куманово гледа и добро знае -ќе доживеат голема казна на локалните избори.

Што му недостасува на Куманово во моментов, каде има потреба од итна интервенција?

-Многу работи му недостасуваат во моментов на Куманово. Му недостасува функционалност, инфраструктурен развој и транспарентна локална самоуправа. На Куманово му недостига насмевката на кумановци. Куманово 4 години тапка во место – стагнираат проекти, нема нови инвестиции, а граѓаните се оставени без услуги. Време е за модерно и ефикасно Куманово што ќе одговори на реалните потреби.Оттука, можам да ветам дека СДСМ ќе настапи со најдобрата и програмска понуда на претстојните избори, со развојни проекти кои сериозно ќе придонесат за подобрување на животот во сите општини, вклучително и Куманово. Ветувам борба до последен атом на енергија за една нова приказна за Куманово.

СДСМ, барем според новото партиско раководство, влегува консолидирана во месеците пред важните локални избори. Дали по два лоши резултати очекувате подобрување во однос на бројот на гласови? Научени ли се лекциите од минатото?

-Апсолутно, СДСМ беше казенет, но СДСМ е партија која учи од сопствените грешки и нема да ги повториме. Очекуваме далеку подобар резултат од парламентарните избори. Граѓаните ќе ги казнат неактивните градоначалници од ДПМНЕ кои ги преспаа мандатите. СДСМ има нова енергија, научени лекции, најдобра кадровска понуда и програма што одговара на локалните потреби. Ова е нов почеток.

Велите падната е поддршката на владејачката коалиција, оттаму велат СДСМ ќе остане без ниту една општина и дури најавуваат „снемување“ на партијата… Каде е вистината, некаде на средина?

-Тоа се само желби на политичките противници. Реалноста е сосема различна – СДСМ има силна структура, поддршка и капацитет за победа. Излезноста, квалитетот на кандидатите и програмите ќе покажат кој навистина е со граѓаните. Ние не само што не снемуваме, туку се враќаме посилни.

Размислувате ли за евентуална коалиција со други партии за да се освои (барем) Советот? Можеби со Левица, која е во подем?

Процесот на зависи пред се од програмските вредности кој потенцијалните партнери ги делат со нас. Лично како кандидат за Куманово, локалната коалиција ја гледам како коалиција помеѓу мене и сите граѓани на Куманово кој што на градот му мислат добро, се желни за промена и за куманово како што доликува, модерен, среден, сензитивен на потребите на кумановци. Ирелевантно е позади која партија стој секој еден гласач, се додека сме обединети во идејата за промена и за прогресивно Куманово. Јас ве уверувам дека како кандидат ќе имам поддршка од сите кумановци, вклучително и разочарани членови на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ. Едноставно Максим ќе си замине. Онаму каде што немаме кандидат, имаме програми и листа позади која цврсто стоиме и за која се бориме.

Од актуелните теми, СДСМ ги повлекува сите амандмани за Ребалансот на Буџетот и бара средства за справување со пожарите и настраданите во Кочани. Ќе има ли слух од ВМРО-ДПМНЕ за овие итни состојби?

-СДСМ секогаш била одговорна партија и делувала конструктивно. Тоа и го покажавме. Повлекуваме амандмани во вредност од 180 милиони евра за да се пренасочат средствата кон институциите што се справуваат со пожарите. Ќе видиме дали ВМРО-ДПМНЕ ќе покаже слух или ќе продолжи со ПР кампањи додека земјата гори. Време е за акција, не за обвинувања. Видовме дека власта изгуби контрола врз спаравувањето со пожарите, институциите ниту превентивно дејствуваат, ниту соодветно реагираат – не се справуваат никако. И очекувано за ВМРО ДПМНЕ, во обид да избегаат од одговорноста, бараат виновци – навлегуваат во некои тези дека станува збор за смислена акција за подметнување на пожари, што е уште еден доказ дека е се подготвени никако – ниту во системот на откривање на намерни подметнувања на пожарите, ниту пак во справувањето со пожарите.Ниту еден поединец од СДСМ, градоначалник или член, нема намера да се сити со некаква криза, за разлика од нивните пресови за пожари кога бевме ние на власт. Ние тогаш бевме на терен и со луѓето помагавме.

Вашиот противник Димитриевски изгради имиџ на „голем патриот“, не поминува прес-конференција, а да не ги нападне соседите затоа што сакале да ја уништат земјава. Вчера имаше и ново излагање во однос на Извештајот, кој некој го нарекуваат најголем дипломатски пораз, во однос на евроинтеграцијата, во историјата на Македонија. Што ѝ се случи на Македонија, по ваше мислење, пред неколку дена во Европскиот парламент?

-Македонија доживеа дипломатски пораз, и тоа како резултат на владеење со импровизации и злоупотреби од страна на ВМРО ДПМНЕ. Јазикот беше избришан од извештајот – тоа е резултат на неспособноста на Владата да го продолжи курсот кој ние го поставивме. Имавме стабилна позиција и поддршка од партнери. Сега сето тоа е уништено поради внатрешни калкулации, поради Владата на ВМРО ДПМНЕ која не успеа да подобри ништо од позициите кои ги наследи, туку како со булдожер ги сруши – ги срушија нашите европски перспективи и го изложија нашиот народ на потсмев, правејќи го целосен губитник.

Ветуваа подобра преговарачка позиција, подобар договор со Бугарија, нова Преговарачка рамка, но, на крај ништо од овие ветувања не излезе точно. Ништо подобро не постигнаа, освен што ја понижија државата.

Колку за оваа ситуација е виновна СДСМ, како што вели премиерот Христијан Мицкоски?

-Ќе повторам – кога дојдоа на власт наследија стабилна и јасна позиција во евроинтегративниот процес со загарантиран македонски јазик во Европската Унија и јасен пат за напредок. Овој курс не го задржаа. СДСМ не е виновна за состојбата во која сега се наоѓа државата. Ние изградивме стабилна, почитувана позиција со загарантирани македонски јазик и идентитет. Во нашиот мандат успешно се боревме и ги отфрлавме обидите македонскиот јазик да биде исклучен од Извештајот, затоа што имавме пријатели и стратешки партнери кои гледаа дека искрено се бориме за евроинтеграцискиот процес.

Денес, ВМРО-ДПМНЕ од еден куп ветувања и удирање в гради дека ќе ја подобрат преговарачката позиција, донесоа само понижувања. Одговорноста е нивна и граѓаните тоа го гледаат. Македонскиот јазик е безбеден, идентитетот е безбеден, но жално е што македонската интеграција во Европската Унија е сè подалечна поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ.

Н.П.

Слични содржини