Ударите врз Данела вчера беа удари врз сите нас што не сме мициња или нивни слуги во диктаторскиот режим на мициленд. Лицето на злото за кое пишува Хана Арент во „За тоталитаризмот“ вчера се покажа во сета своја отвореност на репресијата. Вчера сите можеа да го видат диктаторскиот режим во мициленд, тиранијата на окупираните т.н. институции на системот кои одамна, веќе една година, всушност повеќе не се институции кои делуваат за доброто на граѓаните според Уставот и законите, туку обични послушни дувла за исполнување на волјата и интересите на режимот! Репресивните методи со кои се одржува овој режим мора да бидат осудени од секој од нас, од сите светски организации за човечки права, ЕУ и САД. И тие мора да го видат она што секој од нас го виде вчера – брутална (институционална) репресија врз Градоначалник на главниот град и тоа среде главниот град!
Мициленд уште од првиот ден на своето конституирање – на 8 Мај минатата година, најлошиот ден во поновата историја на Македонскиот народ – не е држава со Устав и закони – вчера се докажа уште еднаш, дури и како финална потврда фактот дека политичката волја и бизнис интересите на режимот се над законите и Уставот на РС Македонија! Постапувањето според законите доколку тоа не е во некаква полза или профит на кликата на режимот, каков апсурд, се казнува во мициленд – и обратно – незаконските дејства се под заштита на партизираните, окупирани институции на системот кога тоа е во полза на кликата на режимот! Поинак кажано нема закон во мициленд освен „законот“ на мицињата! Оваа состојба социолошки не е ниту налик на некаква аномија туку е крајна инструментализација и злоупотреба на законите за интересите на кликата и во функција на политички прогон (или нивно игнорирање, во зависност од конкретната ситуација и проценката што ќе им донесе повеќе некаква добивка). Низ историјата ваква ситуација како денес во мициленд имало само во неколку земји, може да се спореди на пример со Римската империја во распад во времето на Калигула, хунтата на Пиноче во Чиле или диктаторскиот, тирански режим на Чаушеску.
Во тој контекст, од денес мора конечно да се престане со правењето разлика меѓу диктаторскиот режим и државата! Државата денес се претставниците на режимот, со име и презиме, државата не е деперсонализиран ентитет туку обична машина за реализација на лични и партиски интереси на владеачката клика! Од денес, после ударите врз Данела која е икона на отпорот кон дикаторскиот режим во мициленд, мора да се прекине делувањето врз основа на погрешниот став дека има разлика меѓу државата и режимската клика. Ако сакате промена на системот тоа автоматски значи промена на режимската клика бидејќи тие се системот, сите тие директори, министри, функционери. Вината за сите дефекти на системот е вина на тие кои управуваат со системот, и одговорноста мора да има име и презиме, тие се системот. Кога го критикувате системот вие нив ги критикувате, кога сакате да го смените нефункционалинот систем вие всушност нив треба да ги смените. Заблуда е да се прави разлика денес во мициленд меѓу режимската клика и државата затоа што, просто кажано, тие се државата. Ова е важно и посебно се однесува на оние кои мислат дека живеат во Данска или Финска а не во мициленд па велат дека нивните политички одлуки и не-делување било во име на државните интереси – а тие државни интереси се всушност интереси на владеачкиот режим. Ако работите за „доброто на државата“ тоа значи дека работите за режимот и им помагате да останат уште на власт. И обратно, кога го критикувате режимот вие не работите против државата туку во интерес на државата.
Мала но сепак битна утеха и надеж после ужасниот ден вчера е крајно неповолниот извештај на ЕУ за мициленд односно за многу аспекти на владеењето на овој режим. Полека но сигурно ЕУ почна да ги гледа актите на диктатура и анти-ЕУ дејствување на режимот. Оваа влада која во подлабока смисла на зборот нема легитимитет затоа што беше создадена врз основа на куп големи политички лаги и измама на гласачите е најлошата влада во севкупната историја на Македонскиот народ и постоењето на било која форма на државност на оваа територија. Овој режим опстојува врз неколку големи столбови а еден од нив е поддршката на меѓународната заедница, и за наша среќа тој столб почнува да се урива, а има знаци на уривање и оние неколку други столбови кои го одржуваат овој режим. Во меѓувреме, немајте сомнеж дека колку ќе расте отпорот кон мициленд, толку репресиите и бруталноста на истиот пропорционално ќе се зголемуваат. Буквално херојскиот отпор на Данела кон диктаторскиот режим и кликата на власта мора да биде пример за однесување и дејствување на сите нас кои не сме мициња, кои сакаме да живееме во слободна, демократска држава. На пример, еден обичен но важен придонес кон ослободување на Македонија од заробената држава, од мициленд, може да биде Сократовски дијалог со едно мице. Имено, иако е познато дека структурата на општествените ставови во мициленд дополнително е оптоварена со необразованост, себичен колективен менаталитет и неколку модели на мислење од типот „и магаре да е ако е од (мицковистичко) дпмне ќе го гласам“, сепак мора да се истрпи и таков напор, дијалог со мице. Ние не-мицињата знаеме дека, метафорично кажано, магариња има многу, во алузија на познатата поговорка како научен факт на социјалната психологија на мициленд, односно дека на оние кои припаѓаат на пежоративното гласање за магаре многу тешко може да им се промени „мислењето“. Општествениот став како со искуство усвоена состојба на психолошка и когнитивна подготвеност која го насочува делувањето на мице потоа, после Сократовските разговори, може да се пресретне со макотрпна кампања која би можела плаузибилно да се нарече „предомисли барем едно мице!“ затоа што, едноставно кажано, нема друг начин гласачки да се анихилира мициленд, иако нивната гебелсовско-ждановистичка пропаганда тука има најголемо влијание во смисла на „перење на мозокот“ на мицињата.
Должничкото ропство на мициленд и антиуставното делување на окупираните институции на системот во мициленд ќе стануваат со секој ден се поочигледни и уште повеќе репресивни, ама и дисперзирањето на свеста и чувството кое уште одамна сликовито е опишано за уште еден тирански режим, нацизмот – да парафразирам, кога дојдоа по соседот молчев, кога дојдоа по мене немаше веќе кој да го подигне гласот и се спротивстави. Кај нас оваа мудрост и предупредување е позната и преку народната поговорка за мечката на врата – кога мечката тропа на вратата на соседот, ќе тропне и на вашата. Така е денес во мициленд. Мечката односно режимот тропа на нашите врати веќе една година. Игнорирањето на тоа гласно тропање нема да го прекине тропањето, а Волтеровско гледање на својата градина во 21 век е невозможно во мициленд затоа што буквално се е зафатено од диктаторскиот режим. Нема слободни зони во мициленд повеќе! Како што рече Черчил во славниот говор на почетокот на војната против нацистичкиот режим – ќе има крв, пот и солзи – но тоа е цената на победата односно на слободата и демократијата. Демократската борба против тиранијата и диктаторскиот режим ќе биде долга и тешка, но тоа е цената за слободата, а слободата всушност нема цена. Македонија може да постои само ако го победиме мициленд, само без мициленд.
Д-р Тони Науновски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.