Руски дрон убил 14-месечно дете во Херсон: Операторот го гледал како си игра

Украинците велат дека се чувствуваат како жртви во болна игра на „човечко сафари“.

од desk2
11 прегледи

Машко дете малку постаро од една година „немилосрдно и намерно“ било убиено во руски напад со дрон на југот на Украина пред три дена, велат украински функционери, пренесува index.hr.

Момчето идентификувано како Дмитрук си играло во дворот на баба му во селото Правдине, кога дронот удрил во близина, при што шрапнелите го пробиле срцето на малечкиот и го убиле. Првиот роденден му го правеле само пред два месеци.

Украинците велат дека се чувствуваат како жртви во болна игра на „човечко сафари“.

„Нашето мало дете беше тука, во боксов, си одеше…. Слушнав ветер и зуење на дрон – ја свртев главата, и тој леташ право наваму… Потрчав како луда кон детето, викав: „Бебе, бебе, бегај!“. Татко му го беше веќе дигнал в раце, но детете беше мртво“, низ солзи раскажува бабата Халина (64) за украинскиот медиум „Подробности“.

На фотографиите од местото на нападот се гледа детскиот бокс со играчки, парчиња стакло и метал и уништени играчки. Покривот на куќата е оштетен, стаклото на влезната врата искршено. Дел од експлозивниот товар на дронот е пронајден пред куќата.

„Овие детски играчки што ги разнела експлозија, му припаѓаа на Дмитрук. Беше стар само година и два месеци. Денеска Русија го уби – немилосрдно и намерно“, изјави за британски „Телеграф“ високиот украински офицер Олександр Прокудин.

Ова не беше несреќа, ова беше лов на луѓе
И Русија и Украина користат дронови со директно гледање, со кои управуваат војници додека во живо го гледаат видеопреносот од дронот, а потоа испуштаат бомби или се залетуваат во целта.

И Андриј Јермак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека нападот што го убил детето не бил случаен. FPV дроновите на операторите им даваат јасен поглед на метата, а колку повеќе се приближува дронот, сликата станува сѐ појасна.

„Ова не било несреќа. Ова било лов на луѓе. Операторот преку камерата го гледал детето како си игра и ладнокрвно го нападнал. Ова е само еден случај од стотина. За Русите, убивањето цивили во Украина стана спорт“, вели Јермак.

Поради сѐ почестите напади со дронови, жителите на Херсон го нарекуваа својот град „зона на човечко сафари“, во кое дроновите ги ловат од небо.

Според ОН, од летото 2024, во Херсон се убиени речиси 150 цивили, а стотици се ранети.

Организацијата Human Rights Watch од Њујорк документирала стотици напади со дронови, но и напади со гранати, мини и друго оружје.

„Тие дронови испраќаат видеосигнал во живо до операторите коишто управуваат со нив од растојание од 25 километри и прецизно гаѓаат со вооружувањето“, се вели во извештајот на организацијата од juni 2025.

Утврдено е дека се користат мали квадкоптери, коишто овозможуваат прецизно гаѓање. Поголемиот дел од нив се широки помалку од 40 сантиметри, а со нив се управува со контролер или со паметен телефон.

Во еден од документираните случаи на руските Телеграм канали се гледа како дрон брка 23-годишна мајка на две деца како вози велосипед кај Антонивскиот мост. Дронот испушта експлозив што паѓа неколку метри пред неа и тешко и ја повредува ногата.

Слични содржини