Маж и жена загинаа на автопатот „Тракија“ во Бугарија во неделата, откако во нивниот автомобил што бил сопрен на лента за запирање, удрил друг автомобил со белгиски регистерски таблички и ги усмртил, јавија бугарските медиуми.
Ова е најновиот од серијата инциденти со загинати и повредени на лентите за запирање на автопатиштата во Бугарија. Веќе два месеци од врвот на власта доаѓат најави за борба против овој сообраќаен вандализам.
На почетокот на месецов беше упатено уште едно предупредување за возење во лентата за запирање, или претекнување преку неа, и потсетување дека казната е 500 евра.
Возењето по лентата за запирање при поголема колона или претекнување „од десно“, односно преку лентата за запирање, е долготрајна практика во Бугарија, исто како честото пречекорување на ограничувањата на брзината.
Во неделниот инцидент, несреќата се случила на 148-от километар од автопатот во правец кон Бургас. Кола со белгиски таблички управувана од гастарбајтер-туѓ државјанин ненадејно влетало во лентата за запирање и удрило во сопрениот автомобил со бугарски таблички. При ударот, на место загинале 46-годишен маж и 48-годишна жена.
Жртвите на лентата за запирање чекале Помош на пат, оти им се дупнала гума.