Иран со закана до Европа: Ќе одговориме ако воведете санкции

од desk2
19 прегледи

Иран „ќе одговори“ на какво било повторно воведување санкции поради неговата нуклеарна програма, порача денеска портпаролот на Министерството за надворешни работи на Иран, Есмаил Багаеј, не прецизирајќи во што би се состоел тој одговор од Техеран, известија светските новински агенции.

Француски дипломатски извор минатата седмица изјави за Ројтерс дека европските земји ќе мора да ги обноват санкциите на ОН за Иран во рамките на т.н. „snapback“ механизам, ако не се постигне нуклеарен договор што би ги гарантирал европските интереси во сферата на безбедноста.

Споменатиот механизам се однесува на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 2231, која е дел од нуклеарниот договор од 2015 година и вклучува автоматско враќање на санкциите од претходни резолуции за Иран во случај „на значително отстапување“ од обврските преземени од Техеран.

„Заканата дека ќе се посегне по тој механизам нема ни правни ни политичка основа и на неа Исламската Република ќе одговори на соодветен и сразмерен начин“, рече портпаролот на иранското МНР.

Нуклеарниот договор со Иран во 2015 година го потпишаа САД, Велика Британија, Германија, Франција, Русија и Кина. САД се повлече од него во 2018 година, кога Доналд Трамп во неговиот прв мандат рече дека договорот „е слаб“ и не гарантира дека Иран ќе се воздржи од создавање своја атомска бомба“.

Слични содржини