Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ ја поздрави денешната одлука во Основниот кривичен суд – Скопје со кој беше изнесена првата судска пресуда со затворска казна за убиство на живот. Судот го осуди Љубе Крстевски на три месеци ефективен затвор за свирепото убиство на Феликс, а неговиот соучесник Бранко Билбиловски доби глоба од 1000 евра.
Оттаму велат дека ова не е само судска одлука туку правна пресвртница.
-Недоволна – да. Но, гласна, недвосмислена и прва. И нема да остане последна. Оваа пресуда испраќа суштинска порака: дека животното не е предмет, дека насилството ќе носи последици. Дека владеењето на правото не е празна флоскула, туку мора да има вистинска тежина, особено кога општеството е сведок на системско молчење и отсуство на одговорност. Дека повеќе не може секој монструм да гази, убива и мачи без последици“.
Судијката Лидија Петровска изјави: „Се работи за дело што предизвика висока јавна чувствителност и морална загриженост. Со изрекување ефективна казна затвор се испраќа порака дека ваквите постапки нема да се толерираат“. Порака која е важно да се слушне гласно. Која сакаме да ѕвони во ушите на секој што мисли дека насилството врз животно е ништо“, велат од „Анима Мунди“.
Здружението потенцира дека случајот со Феликс беше тест – за институциите, за моралот, за државата. Денес, додаваат, системот покажа дека може да биде на страната на хуманоста кога постои волја.
По тепањето Феликс бил фрлен во контејнер, а потоа откриен од активисти и однесен на лекување во ЈП „Лајка“ каде по сите напори не успеаја да го спасат.
Убиството на бездомното куче Феликс предизвика големи реакции во јавноста.