За да се спречат злоупотреби од вештачката интелигенција, Данска, прва во Европа, на луѓето ќе им дава авторско право за нивниот глас, лик и тело

од desk2
15 прегледи

Владата на Данска во обид да спречи да се злоупотребуваат гласовите, ликовите и телата на луѓето од вештачката интелигенција, менува закон и ќе додели на секој поединец авторско право врз сопственото тело, лик и глас.

Официјален Копенхаген има намера да ја засили борбата преку дипфејкови, односно дигитални имитации на идентитетот на луѓето и го изготвува текстот на, како што вели, првиот во Европа нормативен акт од оваа категорија. Всушност, станува збор за измени на законот за авторското право, за што има општа политичка поддршка. Предлог-законот е сега во фаза на консултација, а на есен ќе биде поднесен во парламентот.

Текстот на предлог-законот за измена на законот за авторското право го дефинира дипфејкот како многу реалистично претставување на човек, вклучително и преку имитација на неговиот изглед и глас.

Данскиот министер за култура Јакоб Енгел-Шмит се надева дека законот ќе испрати до сите јасна порака дека секој човек има право да управува со тоа како изгледа и звучи.

„Секој има право на сопственото тело, сопствениот глас и сопствениот лик, што очигледно не е нешто што сегашниот закон го заштитува од генеративната вештачка интелигенција“, вели тој.

Дипфејкот, креации од вештачката интелигенција во форма на ултра реални слики, видеа или аудиозаписи што изгледаат како вистински луѓе, односно како нивни активности, се усовршува бргу, што го прави идентификувањето многу тешко.

Ваквите креации се многу сериозен проблем, бидејќи влијаат врз реалноста и сознанието на луѓето, а речиси и не постои можност бргу да се реагира или да се отстранат последиците по нечиј углед. Посебно во ситуација на дипфејк-порнографијата или дипфејк со политички и други јавни фигури.

Слични содржини