Притворениот градоначалник на Истанбул доби нова затворска казна – „го навредувал обвинителот“

Имамоглу ги отфрли сите обвиненија против него и рече оти е гонет поради плановите да учествува на претседателските избори во Турција во 2028 година.

од desk2
24 прегледи

Истанбулски суд денеска изрече нова затворска казна на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, главен политички ривал на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, со тоа зголемувајќи го притисокот врз опозицијата.

Како што јави државната ТРТ, Имамоглу, кој се наоѓа во притвор од март поради нови обвинувања за корупција, е осуден на година и осум месеци затвор поради навредување и закани кон Главниот обвинител на Истанбул. Имамоглу ги отфрли сите обвиненија против него и рече оти е гонет поради плановите да учествува на претседателските избори во Турција во 2028 година.

Сепак, првостепената пресуда ќе мора да се разгледува и да биде потврдена од уште два апелациски суда за да стане правосилна.

Ова е вторпат Имамоглу да го осудат за навреда на јавни службеници. Во 2022 година, тој беше осуден на две и пол години затвор поради критикување на службеник на изборната комисија, откако беа поништени резултатите од изборите за Истанбул во 2019 година, на кои Имамоглу го победи противкандидатот од Партијата на правдата и развојот (AKP) на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган.

Имамоглу се жалеше на таа пресуда, но таа уште не е разгледувана.

Апсењето на Имамоглу во март годинава ги предизвика најголемите протести во Турција во последнава деценија.

Слични содржини