Скопјанка дала 1,3 милиони денари на лажен лекар за операција на ќерката

Скопјанка дала 1,3 милиони денари на лажен лекар, откако добила повик дека ќерка ѝ мора итно да ја оперираат – по два часа пријавила во полиција дека е измамена. Ова е втор ваков случај во еден месец.

од desk3
49 прегледи

Според информациите објавени во дневниот билтен на МВР, вчера (17.07.2025) во 17.45 часот во СВР Скопје, 68-годишна жена од Скопје пријавила дека околу 15.30 часот била измамена од едно машко лице за сума од околу 1.300.000 денари.

Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, се претставило како лекар, вработен во Градска болница и ѝ кажало дека нејзината ќерка се здобила со повреди и требало да прави операција, а за тоа требало да се плати“ – информираат од МВР.

Според пријавата во МВР, жената парите ги оставила на договореното место, а подоцна сфатила дека била измамена.

Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

Инаку, ова е втор ваков случај во период од неколку недели.

На 25-ти јуни годинава, во јавноста беше пренесена информацијата и за друга 83-годишна скопјанка која пријавила во МВР дека е измамена телефонски, при што ѝ биле одземени 30.000 евра.

И во тој случај, на жената ѝ било речено дека треба да се направи итна операција на ќерка ѝ по наводна сообраќајка.

Жената прифатила да се сретне со маж на возраст од околу 60 години и  му ги дала парите.

Подоцна, откако сфатила дека е измамена, случајот го пријавила во полиција.