Во албумот на Епстин 50 имиња: Освен Трамп, тука е и Бил Клинтон

Според упатени извори, пишува весникот, Максвел била многу настојчива за тоа Клинтон и други познати личности да напишат писма и срдечни честитки за луксузниот подарок што требало да се даде за 50-от роденден на Епстин.

од desk2
11 прегледи

Во роденденскиот албум на осудениот сексуален напаѓач Џефри Епстин од 2003 година се внесени околу 50 имиња, меѓу кои и поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, и актуелниот Доналд Трамп, пишува „Волстрит Џурнал“.

Роденденски писма
Најголемото име во роденденскиот албум што за Џефри Епстин во 2003 година го составила неговата тогашна партнерка Гислејн Максвел било тоа на поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон.

Според упатени извори, пишува весникот, Максвел била многу настојчива за тоа Клинтон и други познати личности да напишат писма и срдечни честитки за луксузниот подарок што требало да се даде за 50-от роденден на Епстин. Во тоа, на крајот, и успеала.

Албумот подврзан со кожа, а направен пред првото апсење на Епстин, ја содржел и рачно напишаната порака од Бил Клинтон: „Во некоја рака е утешно, зарем не – да се трае толку долго, низ сите години учење, сознавање, авантури и притоа да се задржи детската љубопитност, желбата да оставиш трага и утехата во пријателството“.

Портпаролот на Бил Клинтон одбил да коментира за писмото, но го насочил „Волстрит Џурнал“ на старата изјава на поранешниот претседател на САД, во која порачува дека ги прекинал сите врски со Епстин повеќе од деценија пред неговото апсење во 2019 година и дека не знаел за кривичните дела за коишто го товареа Епстин.

 

Меѓу потписниците Трамп и Клинтон
Бил Клинтон бил само еден од 50-тината луѓе што оставиле пораки во тој роденденски албум, според документите во кои имал увид „Волстрит Џурнал“. Меѓу нив се и Доналд Трамп, инвеститорот Леон Блек, модната дизајнерка Вера Ванг, медиумскиот могул Морт Закерман и Лесли Векснер, сопственик на „Викторијас Сикрет“.

Писмата се поделени по категории: Пријатели, Работа, Наука, Семејство, Бруклин…. Клинтон и Трамп се во групата „Приајтели“, заедно со Блек, Закерман, адвокатот Алан Дершовиц и Жан Лик Брунел, агент на манекенки, којшто исто така беше обвинет за сексуално искористување на малолетници.

Една од највпечатливите страници е наводно таа на Доналд Трамп, со неговиот потпис и цртеж на гола жена. Трамп тврди дека писмото е „лажно“ и покрена тужба против новинарот и издавачот на „Волстрит Џурнал“.

„Вие мора да се шегувате!“ – Трамп прекинал интервју за 30 секунди кога го прашале за фотографии на кои тој и неговите деца се крај Џефри Епстин

Груби шеги, порнографски алузии и животни од Африка
Содржината на некои писма е побизарна и поексплицитна. Нејтан Мирволд, поранешен директор во „Мајкрософт“ испратил фотографии од Африка, кои вклучувале мајмун што вреска, лавови и зеби при парење и зебра со јасно видлив полов орган. Неговата портпаролка вели дека Мирволд не се сеќава на испраќањето на е-писмото, но дека е фотограф на диви животни.

Леон Блек напишал песна во рима со алузии на секс и романот „Старецот и морето“ на Ернест Хемингвеј: Блондинки, црвенокоси, бринети – географски распоредени / Со оваа мрежа риби, Џеф сега е „Стариот и морето“. Потписот гласи вака: „Со љубов и бакнежи, Леон“.

Писмото од Векснер содржело цртеж на женски дојки. Закерман на шега тврдел дека Епстин е роден во Лихтенштајн и дека има сопруга и три деца. Вера Ванг предложила Епстин да се пријави за шоуто „The Bachelor“ (Ерген) и да отидат во шопинг.

Ниту еден од погоре набројаните не сакал да коментира за писмата.

Питер Менделсон, тогашен амбасадор на Велика Британија во САД и лабуристички политичар го нарекол Епстин „најдобриот пријател“ и испратил фотографии од виски и тропски остров.

Трамп до Епстин: Ти си најголемиот
Џефри Епстин умре во 2019 година во затворска ќелија, чекајќи го судењето по обвинението за тргување со малолетнички и сексуално искористување. Гислејн Максвел во 2021 година е прогласена за виновна за учество во тој криминален синџир и осудена на 20 години затвор. Сега се обидува да ја поништо пресудата и бара помош од Доналд Трамп.

Клинтон со Епстин четири пати патувал со приватен авион и барем еднаш престојувал во неговата куќа во Њујорк. Сѐ тоа, тврди кабинетот на Клинтон, било во рамките на работењето за фондацијата на Клинтон и во придружба на обезбедување од Тајната служба.

Трамп излегувал со Епстин во 1990-те и раните 2000-ти. Весникот „Њујорк Тајмс“ откри дека Трамп во 1997 година во книга што му ја подарил на Епстин ја напишал следнава посвета „За Џеф – ти си најголемиот!“ и се потпишал.

Објавена е и фотографија на Трамп и Епстин со музичарот Џејмс Браун. Не е познато каде е направена таа фотографија, но Браун тогаш често настапувал во Атлантик Сити, каде што Трамп имаше казино „Таџ Махал“.

Што се случи со албумот?
Роденденскиот албум имал повеќе тома, содржел скенирани писма и фотографии, а е подврзан во книговезница во Њујорк. Максвел лично ја координирала подговотвката и ангажирала помошници. Некои од нив се сеќаваат дека ги виделе страниците на Клинтон и Трамп додека ги скенирале материјалите.

Бред Едвардс, адвокат што застапува повеќе од 200 жртви на Епстин, потврдува дека поголем број негови клиенти се сеќаваат на тој албум.

Дигиталните копии на албумот ги прегледуваа и обвинителите од САД што со години ги истражуваа Епстин и Максвели. Книгата сега се наоѓа во оставнината на Епстин.

Џефри Епстин – без диплома и искуство, на 28 години влегува во бизнис со милијардерите

Слични содржини