Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски реагираше на изјавата на министерот за спорт, Борко Ристовски дека тие дале еден милион евра за организација на младинската олимпијада во земјава, која доживува целосно фијаско.
„Се фалиш дека сте дале милион евра… Значи важно, ти си дал пари, ама исто така и ти кажуваш кој ќе ги дава услугите и каде ќе се трошат парите? Те прашувам јавно, дали овие пари ги префрли на Македонскиот олимписки комитет или на некој друг? Значи вие, како вицот, „Им давам на кокошките секое сабајле по пет банки, па секоја си купува за јадење тоа што сака“. Ги фрливте парите на ваши пријатели, доживеавте фијаско и сега нормално вие не сте криви“, вели тој.
Според Јакимовски, треба да му се заблагодариме на Македонскиот олимпски комитет што успеал да донесе вака значајно спортско натпреварување, но „веројатно кутрите тие не знаеле дека зад нив не стои сериозна влада, туку сеирџии кои кога ќе се случи нешто лошо се вадат како минус пред заграда и убеден сум за ова ќе бараат одговорност не кај себе, туку кај МОК и целава оваа операција е направена во насока да оди на промена на раководството на МОК и инсталирање на нивни „спортски кадри“.
-Господине Ристовски ќе кажете ли нешто дека во организацијата беа вклучени и спортските федерации? Одговорете колку претседатели и раководства насилно променивте само оваа година? Еве што направија вашите големи спортски работници. И ова е резултатот од вашата желба со се да владеете, дури и со спортот, вели, меѓу другото, Јакимовски.