Американскиот претседател Доналд Трамп постигна трговски договор со Европската Унија во неделата на состанокот со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Шкотска, објавија агенциите.
Според првите објавени информации, договорот вклучува воведување царински давачки во износ од 15 проценти за стоки увезени од ЕУ во САД. Трамп рече дека договорот ќе биде „одличен за автомобилите“ и дека ќе се почувствува силно во областа на земјоделството.
Тој додаде и дека „ЕУ ќе купи енергија во вредност од 750 милијарди долари од САД, ќе инвестира уште 600 милијарди долари и ќе „купи американско оружје“.
– Мислам дека ова е најголемиот договор досега, рече Трамп.
Средбата започна во 16:30 часот по локално време во Тарнбери, на југозападниот брег на Шкотска, каде што Трамп ја помина саботата играјќи голф, и доаѓа по неколку недели преговори меѓу Брисел и Вашингтон.
„Веројатно ќе знаеме за околу еден час. Не би требало да трае толку долго. Знаете, комплицирано е, но не е многу комплицирано, ако се земе предвид сè“, рече Трамп претходно за време на прес-конференцијата.
Пред да замине за Шкотска, Трамп повтори дека ги гледа шансите за договор на 50-50, повторувајќи ги коментарите што ги даде претходно. „Се среќаваме со Европската Унија и тоа всушност би бил најголемиот договор досега, ако можеме да го постигнеме.“
Средбата во недела доаѓа неколку дена пред 1 август, кога Трамп рече дека ќе воведе царини од 30 проценти за увоз од Европската Унија поради наводни трговски нерамнотежи.
Сепак, американскиот претседател ја остави отворена можноста за откажување од повисоката царинска стапка ако блокот отвори поголем дел од својот пазар за САД.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна посочи дека наскоро би можел да се постигне договор во трговскиот спор. Американскиот претседател неодамна преговараше за царински договор од 15 проценти со Јапонија – значително понизок од првично планираниот.