Се уште очекуваме став од Бугарија за предлогот на претседателот Мицкоски, за заедничка Резолуција за заштита на македонскиот идентитет и јазик пред ЕП, рече на прес-конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ние го изнесовме овој предлог од две причини: Доколку Бугарија е искрена, и не го оспорува нашиот идентитет и јазик, тогаш ќе прифатат и заедно ќе ја поднесеме Резолуцијата. Доколку Бугарија не е искрена, тогаш ќе ескивира по секоја цена“, истакнува пратеникот.
Во моментот сме сведоци, додава Лефков, дека Бугарија бега од идејата, а со тоа покажува став кон Македонија, кој не е демократски, не е добрососедски, ниту пак е човечки.
„Гласините кои ги слушаме од некои кругови во Бугарија, го отсликуваат наративот кој Русија го има кон Украина, со целосна негација на нашата самобитност.
Ние знаеме кои сме и целиот свет знае кои сме. Но, фактот што Бугарија го негира тоа, и сака во темел да ги поткопа основните човекови права, дава јасен знак дека сите треба да се запрашаме зошто е тоа така и ќе остави ли ЕУ да бидеме жртва на политики од 19 век, политики на негација на самобитноста исти по размер како тие Русија што ги применува врз Украина“, наведува пратеникот.
Македонија е, нагласува Лефков, пред се добар сосед, држава членка на НАТО, држава која дала и дава свој придонес кон европската безбедност и единствено нешто кое го сакаме како народ е да бидеме почитувани и да имаме третман како сите останати.