Велика Британија му врати на Израел: Не го наградуваме Хамас, ова го правиме за Палестинците

Прашана за коментар за реакцијата на МНР на Израел, британската министерка за сообраќај Хајди Александер, која е неофицијален портпарол на владата, нагласи дека тоа не е правилниот начин за опишување на британскиот план.

од desk2
14 прегледи Фотографија: Стоп-кадар од видео на нејзиниот профил на Х.

Велика Британија денеска ги отфрли критиките од Израел дека со своите планови да ја признае палестинската држава го наградува Хамас.

„Ова е награда за Хамас и им штети на напорите за прекин на огнот“, порача министерството за надворешни работи на Израел, по најавата од Велика Британија, односно од нејзиниот премиер Кир Стармер, дека ќе ја признае Палестина ако Израел не преземе конкретни чекори за прекин на војувањето во Газа и за обнова на мировниот процес.

Прашана за коментар за реакцијата на МНР на Израел, британската министерка за сообраќај Хајди Александер, која е неофицијален портпарол на владата, нагласи дека тоа не е правилниот начин за опишување на британскиот план.

„Ова не е награда за Хамас. Хамас е одвратна терористичка организација што изврши ужасни злосторства. Ова се однесува на палестинскиот народ. Станува збор за оние деца во Газа кои ги гледаме како умираат од глад. Мораме да го зголемиме притисокот на израелската влада да ги укине ограничувањата и да овозможи повторно враќање на помошта во Газа“, рече Александер.

Најавата од британскиот премиер Кир Стармер за потенцијалното признавање на Палестина се случи вчера, неколку дена откако францускиот претседател Емануел Макрон рече дека Франција ќе ја признае Палестина на Генералното собрание на ОН во септември.

Во службеното соопштение од Даунинг Стрит 10 се наведува дека признавањето на Палестина е „неотуѓиво право на палестинскиот народ“ и дека ставот на британската влада секогаш бил дека признавањето ќе биде дел од поширокиот мировен процес. Сепак, „поради сѐ понеподносливата ситуација во Газа и сѐ помалкуто надежи во мировниот процес“, моменталниот контекст бара порешителни чекори.

Стармер истакна дека признавањето ќе уследи ако израелската влада не се согласи на итен и траен прекин на огнот и јасно ангажирање за мировниот процес, со јасна обврска дека нема да се вршат анексии на територија на Западниот Брег (другата палестинска територија, која сепак има многу помалку учество на Палестинците во управувањето отколку што имаше Газа).