Канада реши да ја признае Палестина

од desk2
15 прегледи Фотографија: Стоп-кадар од видеообраќање на официјален канал на владата на Канада

Канада има намера да ја признае Палестинската држава на Генералното собрание на ОН во септември, соопшти вчера канадскиот премиер Марк Карни. Овој потег сосема сигурно го зголемува притисокот врз Израел и владата на Бенјамин Нетанјаху, во време кога светската јавност сѐ повеќе е згрозена од хуманитарната криза и гладот во Појасот Газа.

Веста за намерата на Канада не беше пречекана добро од јужниот сосед. Претседателот на САД, Доналд Трамп, порача дека поради таквата одлука тешко дека ќе може да се постигне трговска спогодба со Канада за тргување под повластени услови. Трамп е најсилниот поддржувач на Израел.

„Соработуваме со другите за да ја сочуваме можноста за решение за две држави, за да не дозволиме фактите на теренот – смртни случаи, насилства, експропријации – да дојдат до таа мерка тоа да не биде можно“, порача вчера канадскиот премиер.

Карни на новинарите им рече дека планираниот потег се темели на посветеноста на палестинските власти да спроведат реформи, вклучително и темелни промени во управувањето и одржување на парламентарни избори во 2026 година, во кои Хамас „нема да има каква било улога“.

Канада досега долго тврдеше дека ќе ја признае палестинската држава дури по крај на мировни преговори со Израел. Но Карни вели дека реалноста на терен, вклучувајќи го гладот кај граѓаните на Газа значи дека „изгледите за палестинска држава буквално ни исчезнуваат пред очите“.

Меѓу причините за одлуката, канадскиот премиер ги наведе „широката закана од Хамасовиот тероризам кон Израел“, забрзаната изградба на доселенички населби во Западниот Брег и во Источен Ерусалим, како и гласањето во Кнесетот, со кое се повикува на анексија на Западниот Брег.

„Канада го осудува фактот дека израелската влада дозволи во Газа да се случи катастрофа“, рече Карни.

Најавата за признавање на Палестина стигна еден ден откако истата намера ја соопшти премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, и една недела откако таква одлука соопшти францускиот претседател Емануел Макрон.