Калајџиев за Коцевски: Се случи срамота за него и за Владата – практично политичка окупација на Јавното обвинителство

Знаев дека деновите му се одброени, власта како и досега - едно зборува, друго прави, вели проф. Калајџиев за „Локално“ по интерпелацијата на Коцевски

од Nikola Popovski
1,7K прегледи

Помина интерпелацијата за државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски и сега останува на него дали ќе ја прифати како морален чин за поднесување оставка. Тој даде одговор пред гласањето дека поднесената интерпелација е политички чин, а дека работата ја извршува совесно. Владата ја започна постапката за негово разрешување, но истата беше прекината поради трагедијата во Кочани. Вредно е да се напомене дека интерпелацијата нема обврзувачко дејство за разлика од владината постапка за разрешување од функција.

Дел од експертите ја оценуваат ситуацијата како конфузна, но не сметаат дека доаѓаат подобри денови за Обвинителството. Професорот по кривично право, Гордан Калајџиев во разговор за „Локално“ вели дека уште од првиот момент кога Коцевски се кандидирал потенцирал дека тој не е вистинското решение.

-Од него ниту очекував резултати, а кога се случи ломот во Вишото обвинителство Скопје беше јасно дека деновите му се одбриени. Следеа тешки квалификации од страна на власта со барање за негово разрешување, истакнува Калајџиев во изјавата.

Според него, она што следеше беше срамота и за него и за Владата, како што вели, практично политичка окупација на Јавното обвинителство.

-Како стојат работите, тешко може да се очекува на чело на обвинителството да дојде некој асолен обвинител со капацитет и интегритет. Власта како и досега – едно зборува, а прави друго, потенцира Калајџиев.

И адвокатот и екс-судија, Владимир Туфегџиќ со свое видување по интерпелацијата на државниот јавен обвинител. Според Туфегџиќ, обвинителот си „заминува баш онака како што дојде, бледо, анемично без енергија, предложен и избран преку ноќ на најнетранспарентен начин од сите досегашни државни јавни обвинители“. Бара државата “конечно да добие државен јавен обвинител кој кога ќе се појави на ТВ екран, слика на телевизор да ти замрзне“.

Туфегџиќ: Мандатот на Коцевски помина туристички – време е за државен обвинител кој кога ќе се појави на ТВ екран, слика на телевизор да ти замрзне

Претходно вчера Коцевски во интервју за „Вечер“ изјави дека нема да поднесе оставка, туку дека уште повревносно ќе се посвети на работата, особено за неколкуте големи случаи по кои се постапува како „Онкологија“ и „Пулс“, за кои вели дека постојат многу цврсти докази.

Кон крајот на март годинава, премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе ја запре постапката за разрешување на Коцевски, која беше покрената во февруари, непосредно пред трагедијата во Кочани. Мицкоски тогаш изјави дека постапката треба да остане во фазата во која се наоѓа во моментот поради настанатата трагедија и дека на 11-члениот обвинителски тим треба да му се даде шанса да работи на истрагата. Уште во февруари, Владата го задолжи Министерството за правда да преземе активности за поведување постапка за разрешување на државниот јавен обвинител.

Законот за јавно обвинителство пропишува дека има неколку „патишта“ по кои може да се отпочне процедура за предвремено разрешување на државниот јавен обвинител. Освен што треба да постои тешка дисциплинска повреда или членство во партија, сите модуси за разрешување предвидуваат дека и Советот на јавни обвинители треба да даде мислење за таква иницијатива.

Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години.

Коцевски на функцијата државен јавен обвинител дојде на 13 февруари 2024 година. Претходно на ова место беше Љубомир Јовески, чиј шестгодишен мандат истече на 25 декември 2023 година.

Н.П.

Слични содржини