Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на денешниот брифинг со новинарите ги извадила сите документи за легализација на станбени објекти во Чаир, кои вели дека се фалсификат. Според нејзините зборови, тоа го нема во ниту една друга општина – сите други биле проверени од Град Скопје. Според законот, тие објекти можат да бидат само индивидуални, а никаде не може да има нелегализирани објекти како што се зградите.
Според Арсовска, за претходно посочените 150 згради во Чаир се нема платено ниту еден денар комуналии. Градоначалничката тврди дека сите скопски општини се проверени и во ниту една општина нема дивоградби како што има во Чаир. Таа исто така изјави дека до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е доставена обемна документација од 3.200 страници.
Додаде дека во ниту една друга општина во Скопје не е забележан криминал од ваков размер. Во однос на најавата на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дека ќе ја тужи, Арсовска одговори дека е подготвена да се соочи со него.
-Ќе ми биде задоволство да го соочам со сите овие докази, било каде и на било која платформа, рече градоначалничката.
На крајот, таа предупреди дека доколку институциите не постапат, ќе се создаде опасен преседан.
-Ако нема санкционирање, денеска имате 50 згради што се градат. Утре ќе имате уште 50. Таму живеат луѓе, не бројки. И тие луѓе не заслужуваат да живеат во 12-катници без гаранција за нивната безбедност, рече Арсовска.