Најчевска: Сите јавни обвинители, меѓу кои и Коцевски, досега биле марионети во рацете на политичките партии

Ниту една владејачка структура не дозволува за државен обвинител да дојде човек со интелектуален капацитет и морален интегритет - вели проф. Најчевска за „Локално“

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Обвинителот Љупчо Коцевски е само последниот од плејадата јавни обвинители кои се поставени на оваа функција со цел да не го загрозат владеењето на високиот државен криминал. Ниту една владејачка структура не дозволува на ова место да дојде човек со интелектуален капацитет и морален интегритет кој на било каков начин би овозможил вистинско функционирање на Јавното обвинителство, вели во изјава за „Локално“, екс-професорката и граѓански активист, Мирјана Најчевска за случувањата во ЈО и интерпелацијата на државниот јавен обвинител.

Според неа, интерпелацијата и барањето за поднесување оставка се дел од претставата која се прави со секој јавен обвинител, при што, како што вели, само се создава привид дека нешто се менува.

-Отсуството на промена во перцепцијата на правосудниот систем од страна на граѓаните, отсуството на позитивни оценки од надворешните известители, отсуството на промени во однесувањето на јавните обвинители (до ниво сами да се откажуваат од поднесени обвиненија) и отсуството на реакција на Јавното обвинителство по поднесени пријави од Комисијата за заштита од корупција, ревизорски извештаи и укажувања на Народниот правобранител, се јасни индикатори дека станува збор за марионети во рацете на политичките партии, истакнува Најчевска.

Соговорничката е децидна дека досега нема ниту еден републички јавен обвинител кој не дошол на таа позиција затоа што е добар за власта, кој не бил по мерка на власта и кој не работел во договор со власта.

-Љупчо Коцевски е само еден од овие обвинители. Секоја интерпелација, секоја промена и секој избор на Јавен обвинител во моментов е едноставно беспредметен, се додека не се појави политички фактор кој борбата со корупцијата на високите државни функционери нема да ја издигне на ниво на приоритет, потенцира Најчевска.

Со сличен став и професорот по кривично право, Гордан Калајџиев. Според него, она што следеше беше срамота и за Коцевски и за Владата, како што вели, практично политичка окупација на Јавното обвинителство.

-Како стојат работите, тешко може да се очекува на чело на обвинителството да дојде некој асолен обвинител со капацитет и интегритет. Власта како и досега – едно зборува, а прави друго, потенцира Калајџиев.

Калајџиев за Коцевски: Се случи срамота за него и за Владата – практично политичка окупација на Јавното обвинителство

По изгласаната интерпелација, државниот јавен обвинител си продолжи со редовните активности.

Собранискиот спикер Африм Гаши, вели дека Собранието го кажало своето и оти сега Коцевски е на ред. Откако Собранието на иницијатива на Левица му изгласа недоверба, државниот обвинител во интервју за дневен весник кажа дека нема да поднесе оставка, туку уште поревносно ќе се посвети на работата особено за случаите „Онкологија“ и „Пулс“, за кои вели дека постојат многу цврсти докази.

-Ова е силен институционален сигнал кој не може и не смее да биде игнориран, оценуваат од Владата.

На „Илинденска бр.2“ веќе ја започнаа постапката за негово разрешување, но истата беше прекината поради трагедијата во Кочани.

Интерпелацијата нема обврзувачко дејство за разлика од владината постапка за разрешување од функција.

Н.П.

Слични содржини