Претседателот на едното крило на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари вчера порача дека очекувањата за локалните избори се коалицијата Европски фронт да победи со разлика поголема од 2:1 над ВЛЕН.
„На последните избори, кога бевме дел од коалицијата ВЛЕН, добивме 107 илјади гласови, додека ДУИ, поточно Европскиот фронт, доби 137 илјади. На сите анкети, Алијансата за Албанците беше половина од ВЛЕН, и тоа е неоспорен факт“, рече Таравари, додавајќи дека сега се очекува разликата значително да се продлабочи.
Според него, ако конечниот резултат не го надмине соодносот 2:1 во корист на коалицијата составена од Европскиот фронт и неговата партија, тогаш нема причина да се отвора прашањето за предвремени парламентарни избори.
„Ако е помалку од 2:1, тоа не е резултат. Веќе не гледам причина да се оди на предвремени парламентарни избори“, изјави тој во „Вести плус“ на Канал 5.
Таравари изрази уверување дека резултатот ќе биде убедлив во корист на коалицијата што ја претставува.