„Несудениот“ кандидат на СДСМ за Скопје се приклучува во тимот на Ѓорѓиевски

од Nikola Popovski
74 прегледи

Професорот и архитект Мишко Ралев е новото засилување во тимот на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Тој најави дека академската заедница ќе игра значајна улога во визијата за напредно и современо Скопје.

„Голема чест и искрена благодарност до професорот Мишко Ралев што се приклучува во мојот тим за поубаво Скопје. Со своето богато искуство, визија и интегритет, тој претставува силна поддршка и уште поголема мотивација за нас“, напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи.

Тој додаде дека реномираните професори и научно-истражувачката дејност секогаш ќе имаат отворена врата во неговата визија за Скопје како „град на идеи, вредности и иднина“.

„Заедно ќе работиме Скопје повторно да го направиме достоинствен град“, порача Ѓорѓиевски.

Ралев беше еден од најсериозните кандидати на СДСМ за градоначалник на Град Скопје, но партијата одлучи да „истрча“ со поранешната минстерка за животна средина, Каја Шукова. Во неодамнешно интервју за „Локално“, Ралев рече дека првично бил поканет од СДСМ, т.е. од неговиот претседател Венко Филипче да се кандидира за местото градоначалник на Скопје со нивна поддршка.

-После сериозно размислување и консултација со моето семејство, јас позитивно одговорив на таа покана. Една од причините вие веќе ја наведовте, а тоа е мојата професија – архитект и професор, а секако и мојот однос кон родниот град напластен низ генерациите на моето старо скопско семејство, истакна, меѓу другото, Ралев.

Ралев за „Локално“: Во Скопје се случи тоа што никој не смееше да го дозволи – личните или интересите на групи да бидат над интересите на градот и неговите граѓани