„СДС уште еднаш покажа дека не трпи пораз, ниту вистина. Наместо да се запраша зошто сè повеќе луѓе ги напуштаат, тие продолжуваат со навреди и омаловажувања. Но, проблемот не е во оние кои си заминуваат, проблемот е во СДС“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на соопштението од СДСМ откако архитектот и „несуден“ кандидат на партијата од „Бихаќка“ за градоначалник на Скопје, Мишко Ралев се приклучи како дел од тимот на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ замеруваат дека, СДСМ смета дека „секој што не е со нив, тоа го прави поради личен бенефит“.
-Тоа е навреда и потценување на народот. И е навреда за сите, освен за оние нивни 6 проценти поддржувачи. Кога СДС зборува за „личен бенефит“, тоа не само што е лицемерно, туку е и навреда за здравиот разум. Навредуваат секој што не сака повеќе да биде дел од нивниот хаос. Не постои поголем комплимент за некој човек од тоа СДС да го нападне. Затоа што ако СДС ве мрази, значи дека нешто вредите, потенцираат од „Белата палата“ преку соопштение.
Од СДСМ велат дела мотивите за ангажман во политиката на Ралев очигледно биле на ниво на личен пазар. Според потпретседателката на партијата, Кристина Костова, „каприциозните мегаломански очекувања на индивидуата не смеат да ги прегазат професионалните и човечки принципи кои се суштински за одржување здраво општествено ткиво“.
Ѓорѓиевски најави дека академската заедница ќе игра значајна улога во визијата за напредно и современо Скопје.
„Голема чест и искрена благодарност до професорот Мишко Ралев што се приклучува во мојот тим за поубаво Скопје. Со своето богато искуство, визија и интегритет, тој претставува силна поддршка и уште поголема мотивација за нас“, напиша кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на социјалните мрежи.
Ралев беше еден од најсериозните кандидати на СДСМ за градоначалник на Град Скопје, но партијата одлучи да „истрча“ со поранешната минстерка за животна средина, Каја Шукова.