Загина бизнисменот Душко Чифлиганец, заменик-претседател на Адора

од desk2
24,7K прегледи Фотографија: Фондација Проф. д-р Ванчо Чифлиганец

Во несреќа при мотоциклистичка трка во Брно, Чешка, животот го загуби познатиот македонски бизнисмен Душко Чифлиганец, заменик претседател на „Адора бизнис групација“ од Скопје и директор на Adora Living Solutions.

Според информациите до кои дојде „Локално“, Душко Чифлиганец при мото-трка паднал од моторот и со тешки телесни повреди веднаш бил пренесен в болница. Посебно тешки повреди задобил на главата. И покрај напорите на лекарите, тој починал.

Душко Чифлиганец беше пасиониран учесник во брзинскиот мотоциклизам, адреналински спорт со кој се занимава од мали нозе а во последните две години се вклучи и во меѓународните натпреварувања.

Тој беше познат и како активен учесник во хуманите активности на групацијата, која своите дејности од оваа област ги спроведува и во Србија, преку заедничка хумана мисија со Фондацијата Новак Ѓоковиќ.

На минатогодинашниот The Economist MeetUp во Скопје, говорејќи на панелот „Бизнис, закон и заедница“, на тема „Како големите компании го обликуваат економскиот и општествениот раст“, Чифлиганец, на почетниците во претприемништвото им порача на прво место да го ставаат својот интегритет, да работат етички, морално и чесно, без алчност.

„Не треба да сме алчни, не е сè во профитот и материјалното. Живееме во свет кој урива рекорди на нарушено ментално здравје и нарушени меѓучовечки односи од секаков вид. Забораваме дека пред сè, треба да сме луѓе и тоа секојдневно да го комуницираме едни кон други. Бизнис лекциите се важни, но на крајот на денот, поважно е да заспиваме и да се будиме со добра мисла, со мирен ум и спокој, и да бидеме богати со оние најскапи работи околу нас, оние работи што не се купуваат со пари“, порача Чифлиганец.

Слични содржини