„Арбен Таравари уште еднаш го покажа своето вистинско лице, човек кој до скоро јавно го фалеше Христијан Мицкоски и соработуваше со него, денес неосновано го напаѓа, само затоа што е уценет и мора да ја пее песната на Али Ахмети“, се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ како одговор на коментарите на лидерот на едното крило на АА.
Според партијата на власт, „на Таравари не му пречеше Мицкоски додека беше во Владата“.
-Напротив, тогаш зборуваше за неговата искреност, капацитет и посветеност. Но, одеднаш, кога го притиснаа со некои папки и му дојдоа некои потсетници, реши дека полесно е да се стави во службата на ДУИ и да стане нивен гласноговорник. Иако не го поддржуваме неговото однесување, можеме да го разбереме: кога еднаш ќе си дозволиш да бидеш фатен, тогаш мораш да ја играш туѓата игра. Како и некои функционери на СДС и градоначалничката на Скопје, сега и Таравари е ставен во непријатниот скут на Ахмети, ама очигледно, кога ќе се намести убаво, скутот не му пречи.
На крај, воопшто нема да не изненади ако Таравари реши да се преименува во „Али“, само за да му покаже на својот нов газда колку добро е дисциплиниран, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Таравари реагираше на ситуацијата каде што имаше антиалбански скандирања на кошаркарскиот натпревар во Куманово. Ги осуди навредите упатени од некои македонски навивачи, кои во присуство на високи државни функционери.
„Нашата мајка, семејство, потекло, беа навредувани во хор од македонските навивачи и сè се случи во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, претставници на коалицијата ВЛЕН, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и други државни функционери. Премиерот одлучи да молчи пред овие провокации, сеќавајќи се дека само пред неколку дена тој беше оној што го разгоре говорот на омраза со изрази како „каур“, кои повторно ги разгоруваат меѓуетничките поделби во земјата. Ова е опасен дух што мора веднаш да се осуди и изгаси“, реагира Таравари.