Фетаи за инцидентот во Куманово: Премиерот и Владата го осудија говорот на омраза, оние пред нас молчеа за да добијат гласови

од Nikola Popovski
137 прегледи

Вицепремиерот и лидер на едното крило на Алијанса за Албанците, Арбен Фетаи остро реагираше на националистичките скандирања и ксенофобични испади што се слушнаа за време на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија, нагласувајќи дека нема да се толерира ниту еден прекршител на законот, без оглед на неговата етничка припадност.

„Сите почнувајќи од премиерот, високите функционери на коалицијата ВЛЕН, Општина Куманово и КФМ, јасно и гласно ги осудија националистичките скандирања и ксенофобичните испади за време на кошаркарскиот натпревар. Тука треба да се напомене дека од 2004 година, Македонија има Закон за спречување на насилство и несоодветно однесување на спортски настани, кој ги задолжува спортските федерации и институциите со јасни обврски и предвидува казни од 500 до 1.000 евра и забрана до 3 години за лица кои поттикнуваат омраза, расизам или нетолеранција.

Но, во овие 21 година, колку казни или забрани се изречени за стотици случаи на вакви прекршувања од страна на лица исполнети со омраза кон другите? Ниту една. Колку пати Владата, без оглед на припадноста, зборувала толку јасно и гласно против ксенофобијата во спортот? Никогаш.

И знаете ли зошто? Затоа што оние што дојдоа пред нас, сите тие, вклучувајќи ги и политичките обвинители и судии назначени по телефон, заедно со Сашо Мијалков, се оглушуваа пред освојувањето гласови преку националистичките пораки за да продолжат да ги полнат џебовите со пари од тендери и корупција.

Оваа Влада избра поинаков пат. Ние поддржуваме дијалог и толеранција наместо нетолеранција и омраза. Наместо да манипулираме со националните чувства, ние го промовираме владеењето на правото и бараме истраги и санкции за секој прекршител на законот, без оглед на припадноста. Ова е разликата меѓу нас и нив. И ова е нашата посветеност кон праведна и инклузивна Македонија“, објави Фетаи на социјалните мрежи.

Обвинителството во Куманово отвори постапка, ќе истражува елементи на кривично дело поврзано со говор на омраза на кошаркарскиот натпревар. Веќе има многубројни реакции и критики, при што издадена е веќе наредба за обезбедување на снимките од видеонадзорот. Полицијата ги бара сторителите.

Претходно денеска, премиерот Христијан Мицкоски го осуди националистичкото скандирање, но рече дека додека бил на натпреварот воопшто не го ни забележал бидејќи доаѓало од мала група на луѓе.