Пратеникот и координатор на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку смета дека расизмот кон Албанците е длабоко вкоренет во македонското национално чувство. Тој во изјава за косовската „KTV“ истакнал дека тоа е начин на размислување што не може да се промени за една година.
Според него, Македонците ги сметаат Албанците за свој најголем непријател, веднаш по Бугарите.
„Тоа е култура, тоа е менталитет, а менталитетот не се менува за една година. Потребно е долго време менталитетот да се обликува и да созрее во свеста на тие луѓе. За жал, беа оставени сами на себе, имаа отворен простор слободно да ги изразат таквите чувства кон Албанците. Во сите анкети, се покажува дека Албанците се непријател број еден, а во моментов се третираат како непријател број два за Македонците, веднаш по Бугарите. Тоа е длабоко вкоренето во културните гени на Македонците и не може да се искорени за една година“, оценува Ќоку.
Тој, исто така, порачал дека би било пожелно македонскиот претседател Гордана Силјановска-Давкова да реагира, како и секоја друга релевантна институција.
Ваквите констатации на пратеникот од редовите на ВЛЕН следуваат по националистичките скандирања на натпреварот Македонија-Романија изминатата сабота во салата во Куманово.