По земјотресот во 1963 година, поновата генерација на Скопје беше сведок на уште една природна катастрофа, поплавите на 6. Август 2016 година. Тоа попладне беше трауматично за многу жители на скопските села Стајковци, Смилковци, Сингелиќ и Арачиново.
Поплавени домови, гаражи, подруми – ова е само мал дел од целата страшна слика што тоа попладне можеше да се забележи во скопските села. Во тие поплави имаше и загинати, откако 22 лица го изгубија животот, меѓу кои и деца.
Девет години подоцна, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дијана Илиевска се присетува на ужасните сцени кои ги видела тој ден која тогаш била учителка во училиштето во Стајковци, но и на ужасните информации кои пристигнувале од час во час.
– 6 Август е ден кој сите граѓани во Република Маледонија го паметат и сигурна сум дека никогаш нема да го заборават, особено оние граѓани, односно жители кои директно беа засегнати од големото невреме кое се случи доцна попладнето. Јас во тој момент, тоа поладне не бев во Црешево, Господ така сакал, но знам само дека ми требаа часови за да стигнам до домот и да, ми требаше сила и храброст да можам да ја издржам болката од гледката која цел живот ќе ја паметам. Тоа не беше моето место, мојата околина по која секојдневно поминував. Се беше уништено, однесено, поплавено, немаше пристап до домови, немаше струја со денови, едноставно како да немаше живот во тие тешки денови, се присетува Илиевска и вели дека на 7.август бил уште поголем шок за жителите во погодените села.

Дијана Илиевска
– Со оглед на тоа дека после обилните врнежи на дожд кои носеле се пред себе, настапила ноќта, голем дел од луѓето не биле свесни какви се последиците, се до утрото кога излегле од своите домови и виделе таков пустош е оставено, како што велат како ураган да поминал и однел се со себе. За жал, тој ураган таа надојдена вода имала сила да однесе и луѓе од своите полиња, па дури и од своите домови, мајка и ќерка од населено место Смилковци кои биле во својот дом, вели пратеничката која во тој период била вработена во основното училиште „Кирил и Методиј“ кое се наоѓало токму во Стајковци и раскажува за исчезнувањето на нејзини ученик.
Потрагата по ученикот Иван била неуспешна
– Посебно голема тежина имав во неизвесноста односно потрагата по нашиот ученик Иван која за жал заврши неуспешно, нашето училиште и учениците во него загубија прекрасен другар и навистина посебен ученик. Најголеми загуби се тоа, се останато што беше уништено се поправи, се санира, се се врати повторно со нормален живот, единствено не се вратија жртвите кои ги загубија своите животи. Во овие моменти на спомен, го изразувам моето сочувство до сите семејства кои од 2016 година ја носат болката по своите блиски и секако до оние кои останаа без своите домови, истакна Даниела која била сведок на овој 6.август во 2016 година и раскажа за солидарноста од граѓаните и од организациите.

Фото: Принтскрин
– Тоа силно невреме со обилни дождови, силен ветер и громови придонесе за голема материјална штета и за жал голем број жртви. Беа оштетени стотици куќи, беа уништени возила кои беа буквално однесени од водата.Во тие тешки моменти, иако природата беше сурова, сепак придонесе за едно големо обединување и за една широка солидарност меѓу луѓето. Имаше огромна поддршка од голем број граѓани кои доброволно сакаа да помогнат, војската, Црвениот крст, волонтери и организации кои деноноќно работеа и помогнаа во расчистувањето на штетите како и при помош на погодените. Се превземаа мерки од страна на Владата која прогласи вонредна состојба во погодените подрачја, со што беше обезбедена голема хуманитарна помош, финансиска поддршка како и времено сместување за настраданите, кажа таа за случувањата кои се случија пред 9 години.
Во овој контекст изрази и радост и фактот кој утрово го соопшти и градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски кој истакна дека во нивна чест ќе поднесе иницијатива и за изградба на спомен плоча за жртвите од 6 Август кои беа мислам дека околу 22 лица од Стајковци, Црешево, Смилковци и Сингелиќ.
На тој ден за 24 часа во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало повеќе од 800 громови.
В.П.