Бастионите Центар и Чаир ќе ја решат политичката разврска

од Nikola Popovski
308 прегледи Фото: Локално

Политичката  ситуација  во Македонија, зазема еден сосема  нов  тек и колосек во позиционирањето на политичката карта на македонските политички партии. Досега имавме стабилна  партиска биполарност на доминантни политички партии и во таканаречениот етничко-македонски и етничко-албански политички блок  помеѓу партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ (во македонскиот) и ДУИ и ДПА (во албанскиот). Сепак во т.н етнички албански политички блок, работите одамна не се  така поставени, односно ДПА заврши во целосна маргинализација, додека на нејзино место се појавија други политички субјекти како БЕСА и Алијанса за Албанците, кои потоа се расцепија на половини и во т.н етнички албански блок настана „партиско-политичка“ карма каша, денеска подвоена во два спротиставени политички блокови: Европскиот фронт предводен од ДУИ, и владејачката  коалиција обединета  во ВЛЕН (Вреди), антипод на „интегративците“. Во т.н  етничко- македонски блок, ситуацијата од партиска биполарност, се менува полека, но сигурно, ама во сосема друга насока. Од една страна, ниту дозавчерашната владејачка СДСМ, нема да пропадне и исчезне целосно  како ДПА на Мендух Тачи, ниту пак  крајно-радикалната Левица, го има тој капацитет, веднаш максимално да го заземе левиот простор во  македонскиот политички спектар. Од трета страна , отцепените од ЗНАМ, кои пред се, се незадоволни поранешни високи партиски клиентичистички  кадри, минатата година одземаа значителен дел од незадоволното гласачко тело и електорат на социјалдемократите, но цврстата постизборна коалиција со нивниот идеолошки антипод-десницата ВМРО-ДПМНЕ, како снег на јулско сонце, ќе го стопи нивниот рејтинг, меѓу незадоволните нивни  партиски членови, кои „не добиле ништо “после изборите. Оттука, ситуацијата во македонскиот центар-лево простор е прилично конфузна, со каква брзина и интензитет, ќе се прераспределуваат левите, социјалдемократски /социјалистички гласови.

Спасување на опозициското јадро во главниот град!

Затоа главната битка на овие избори се очекува во Општина Центар, помеѓу актуелниот градоначалник и кандидат за нов градоначалник  Горан Герасимовски, со веројатно против кандидат од редовите на ЗНАМ (поддржан од поголемиот коалициски брат ВМРО-ДПМНЕ). Неколку фактори икс ќе бидат клучни за победата: дали Герасимовски ќе успее да го наметне својот наратив за успешен градоначалник , надвор од рамките на декласираната своја матична партија, и колку ќе успее да го прокламира својот прв успешен мандат кај неопределените граѓани-гласачи кои ценат по однос на сработеното, а не по прецизна партиска „директива“, за кого да гласате. Од тој аспект, Горан ќе има значителна предност пред својот опонент, кој  буквално ќе биде на милост и немилост на поддршката од гласачкото  тело  на десничарската  вмровска електорална машинерија. Друга најинтересна битка ќе биде во Општината Чаир, каде што политичките конкуренти ја извадија „тешката  артилерија“, во имињата на вицепремиерот Изет Меџити и поранешниот министер за надворешни работи и здравство, како и претседателски кандидат Бујар Османи. Настаните околу дивоградбите кои ги отвори актуелната скопска градоначалничка Данела Арсовска, токму во оваа скопска општина, обвинувајќи го актуелниот Висар Ганиу, го истуркаа во преден план Меџити, да се трка односно да се врати таму каде што почнал: градоначалник на Чаир, симнувајќи се од „високата политика“, на крпење на улици и шахти. Од друга страна, важноста Ахмети да ја „задржи“ изгубената Општина во главниот град со отцепувањето на Меџити, го наметна Османи да мора да прифати да се симне од поранешен „прв дипломат“ исто така во локална политика за да ги решава комуналните проблеми на граѓаните . Во конечниот резултат, има многу непознати Х фактори, од кои два ќе бидат клучни: колкав електорат од ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за Меџити, и колкав дел од етничките Албанци ќе гласаат против Меџити , а за Османи, поради „епскиот криминал со години наназад“ токму под раководство на Изет и неговиот пулен Ганиу. Во останатите големи и урбани Општини низ Скопје и самиот град Скопје, работата е повеќе од јасна, голема победа ќе однесат кандидатите на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Многу интересна ситуација се очекува во Општина Карпош, каде што по сите математики и комбинаторики, во првиот изборен круг ќе се соочат дури четворица сериозни кандидати за градоначалници, преференцијално  земајќи илјадници гласови од електоратот.

Кој ќе ја испее лебедовата песна после локалните избори?

Навидум само локални (комунални) избори, овие есенскиве ќе одлучат најмногу за политички кариери и политички правци. Да не заборавиме „големите“ македонски политичари од Бранко Црвенковски до Никола Груевски и на крајот Зоран Заев, сите до еден премиери во своите најдобри политички времиња за нив, своите „бравурозни“ кариери, ги завршија на претходните локални избори, соодветно во 2013-та , 2017-та и 2021-ва година. На овие избори, очигледен фикс е дека нема шанси да ја заврши својата политичка кариера премиерот Христијан Мицкоски, како неговите претходници, но во однос на т.н лидер на СДСМ, кој за жал ја прифаќа улогата на стечаен управник на оваа партија, лидерските кариери на Изет Меџити, на Али Ахмети, па ако сакате и на Максим Димитриевски, изборните резултати, ако не сега веднаш после локалните избори, за брзо може многу битно да влијаат врз негативниот исход по нивната траекторирана политичка иднина.

Благојче Атанасоски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.