Во Прилеп и во месноста Карпалак денеска ќе бидат одбележани 24 години од загинувањето на армиските резервисти: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.
Повеќе делегации ќе ги посетат вечните почивалишта на загинатите, во Прилеп и населените места, а ќе биде посетена и месноста Карпалак каде на 8 август 2001 година во заседа загинаа 10-те прилепски бранители, кога беше нападнат армискиот конвој.
Делегација на Собранието во состав Биљана Кузманоска, Пеце Милевски и Миле Талевски, ќе положи цвеќе пред комплексот Карпалак во центарот на Прилеп.
Во Прилеп вчера почна одбележувањето на 24-годишнината од загинувањето на прилепските армиски резервисти кај Карпалак, со поклон пред спомен-обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“.
Потполковникот Сашко Палески, командант на гарнизонот „Мирче Ацев“ во Прилеп истакна дека спомените за загинатите ќе се чуваат, со порака – никогаш да не се повтори.
Почит на загинатите пред спомен-обележјето во касарната оддадоа повеќе делегации, како и семејствата на загинатите и здруженија на бранителите.
Масакрот кај Карпалак е најброен масакр врз војници во воениот конфликт во 2001 година. На 8 август 2001 година 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово.
Кај месноста Карпалак конвојот бил начекан во терористичка заседа во 9:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови.