Поранешниот градоначалник и политички аналитичар, Андреј Петров смета дека очекувањата на ВМРО-ДПМНЕ за победа на локалните избори се базираат на јавното мислење, но изборите, како што истакнува, не се само Олимпијада туку се учествува и за да се победи. Очекува дека и СДСМ има луѓе на кои што може да играат на победа.
За кандидатите што ги избра партијата на Венко Филипче и потезите што ги повлекоа со имињата, Петров вели дека екс-министерката Каја Шукова е солидна и добра одлука и времето ќе покаже дали партиското раководство донело правилен избор. Тој потенцира дека се залага за „играње со чисти партиски решенија“.
-Во Струмица не ми е до крај јасно што се случува, но има разлика меѓу досегашниот градоначалник и локалното партиско раководство. Веројатно на тоа се должат промените. Сите сме биле во ситуација да сме условно кажано обесправени, но мисла Коста ќе го голтне тоа. Животот продолжува Верувам дека таквите осцилации се природни. Тој е млад човек и има голема перспектива. Струмица е цврст бастион на СДСМ, кажа Петров во вестите на ТВ Сител, додавајќи дека опозицијата мора да се обединува.
Петров смета дека Шукова мора да игра на полето на кое е силна – заштита на животната средина и токму на тоа поле може да се придобијат луѓето, особено од невладините кои можат да се приклучат на незадоволството, во споредба со нејзиниот противкандидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
-Од другата страна, реално имате етаблиран градоначалник и тој е во предност од аспект што ја знае проблематиката подобро од некој што не бил градоначалник, но изборите почнуваат од нула. Не верувам во тезите дека изборите во Скопје ќе завршат во првиот круг – ќе има втор круг бидејќи има повеќе кандидати. Треба да се борите до крај кога влегувате во трка. Опозицијата мора да биде жестока и да се бори, додаде меѓу другото екс-градоначалникот во своето обраќање.