Ова е борба за принципи и морал, борба што се покажува на дело, за разлика од времето на прогон, нечовечко и злосторничко постапување на партиската полиција на Зоран Заев, Оливер Спасовски и Али Ахмети. За сторен престап, началникот во Демир Хисар е разрешен. Но, ќе потсетиме на времето кога подивените орди на Заев, Филипче, Спасовски и Ахмети, го имаа целиот апарат на присила под своја команда, велат од ВМРО-ДПМНЕ за разрешувањето на началникот Роберт Мартиновски што го вршеше претресот во домот на директорката на училиштето во Демир Хисар и бараше таа да биде однесена на информативен разговор во полиција, иако била на боледување, а таква наредба од Обвинителството воопшто немало.
Според партијата на Христијан Мицкоски, „партиската полиција“ на екс-министерот Оливер Спасовски правеше упади во домовите на луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, вршеше претреси и ги влечеше со лисици пред малолетни деца.
-Гордана Јанкулоска ја однесоа во затвор и ја осудија поради „мерцедесот“ кој, наводно, го гребеле мачки, а потоа го возеше Заев. Друга жена, под тортура на партиската полиција на СДС и ДУИ, го загуби плодот и детето во затвор. Миле Јанакиески го враќаа со полиција пред вратата на својот стан три пати – за да го снимат камерите – и секогаш го носеа во притвор како дефокус од новите афери на Заев. Спиро Ристовски и Миле Јанакиески беа физички нападнати во затвор, а други политички притвореници намерно беа сместувани во ќелии со сериски убијци, педофили и силувачи, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Внатрешна контрола утврдила непрофесионално и неетичко однесување и поведе дисциплинска постапка против началникот од ОВР Демир Хисар.
„Со цел целосна непристрасност и објективност на истрагата, наведениот началник ќе биде разрешен од функцијата. МВР го осудува секој облик на насилство, незаконско или непрофесионално постапување“, се вели во соопштението од МВР.
Од опозициската СДСМ, пак, побараа началникот кривично да одговара.
Адвокатот на директорката, Маја Лозановска веќе најави дека ќе поднесе кривична пријава против началникот за третманот на неговиот клиент. Лозановска во вторник ќе отиде на информативен разговор во полиција. Обвинителството претходно информираше дека претресот бил извршен поради сомнеж за фалсификат.