Левица: Поскапувањата не се само резултат на глобални шокови, туку и на системска неефикасност, коруптивни практики и толерирање на монополските структури

„Најновите изјави на премиерот Мицкоски уште еднаш потврдуваат дека оваа Влада нема ниту стратегија, ниту политичка волја за справување со инфлацијата и растечките трошоци за живот. Наместо конкретни и системски решенија, граѓаните добиваат само празни зборови, бесконечни „анализи“ без рокови и магливи ветувања за идни мерки кои никогаш не се реализираат“, се вели во соопштението од ПП Левица.

од Vladimir Zorba
50 прегледи

„Најновите изјави на премиерот Мицкоски уште еднаш потврдуваат дека оваа Влада нема ниту стратегија, ниту политичка волја за справување со инфлацијата и растечките трошоци за живот. Наместо конкретни и системски решенија, граѓаните добиваат само празни зборови, бесконечни „анализи“ без рокови и магливи ветувања за идни мерки кои никогаш не се реализираат“, се вели во соопштението од ПП Левица.

„Макроекономските бројки не лажат: инфлацијата во Македонија која достигна до 9,4% во 2023 година, а беше стабилизирана на 3,5% во 2024, летово повторно забрзано расте и тоа 4,5% во јуни и 4,8 % во јули. Најмногу пораснаа цените на храната и безалкохолните пијалоци (6,8 %), а голем пораст има и во секторите транспорт, култура и угостителство.

Овие податоци покажуваат дека поскапувањата не се само резултат на глобални шокови, туку и на системска неефикасност, коруптивни практики и толерирање на монополските структури. Владата, наместо да реагира со итни и јасни мерки, нуди само магливи најави за „анализи кои траат“, без рокови и конкретен план за имплементација.

Неспособноста да се воспостави ефективна контрола на цените на основните производи ја поткопува довербата на граѓаните во институциите. Големите трговски синџири и дистрибутери, со години остварувајќи рекордни профити, ја злоупотребуваат својата пазарна моќ – одржувајќи енормни маржи и создавајќи вештачки ценовен притисок. Пазарната инспекција молчи, додека монополите договараат нови ценовни шокови.

Наместо да ја регулира економијата и да го олесни товарот на граѓаните, Владата ја правда инфлацијата со зголемените плати и пензии, премолчувајќи дека овие зголемувања брзо се изедени од растот на цените. Народната банка предвидува инфлација од 3,5 % за 2025 година, а ММФ 3,4 %, но ризиците за нови поскапувања остануваат високи, особено во услови на нефункционална државна регулација.

Левица инсистира на системски пристап со воведување вистинска и функционална ценовна контрола, прекинување на коруптивните договори и разбивање на монополските структури, поддршка за домашното производство и транспортните услуги и обезбедување фер и конкурентен пазар во интерес на сите граѓани“, додаваат оттаму.