Нова регулатива на Европската Унија, која стапува на сила на 30 декември 2025 година, би можела значително да ги зголеми цените на многу производи на полиците во продавниците.
Регулативата има за цел да спречи уништување на шумите за земјоделски култури и производство на суровини, но трговците и производителите предупредуваат дека новите правила ќе донесат огромни трошоци и дополнителен административен притисок.
Според Регулативата за уништување на шумите (EUDR), од крајот на оваа година, стоките што потекнуваат од области каде што се случило уништување на шумите по 31 декември 2020 година повеќе нема да можат да се увезуваат во ЕУ. Правилата важат не само за тропските дождовни шуми, туку и за шумите во Европа.
Регулативата опфаќа седум клучни суровини: кафе, какао, палмино масло, соја, говедско месо, дрво и гума. Правилата важат и за преработени производи, од чоколадни плочки и кожни торби до мебел од иверица.
Задолжителни GPS координати и строги казни
Компаниите ќе мора точно да го наведат потеклото на нивните суровини, вклучувајќи ги и GPS координатите на земјиштето каде што се одгледувани. Неточните податоци или отсуството на потребните информации за геолокација би можеле да резултираат со казни, забрана за увоз или дури и конфискација на производот.
Главниот економист на „Комерцбанк“, Јерг Кремер, за германски „Билд“ изјави дека бирократијата ќе биде најголемиот предизвик за бизнисот, дури и поголем од високите даноци, цените на енергијата и лошата инфраструктура. Тој верува дека би било доволно сами да се обврзат увозниците да докажат дека стоката не доаѓа од области каде што се случило уништување на шумите во последните пет години, а не од сите компании во синџирот на снабдување.
Трговците и здруженијата предупредуваат на зголемување на цените
Германскиот синџир продавници EDEKA предупредува на огромен административен товар, кој вклучува милиони нови декларации за сообразност дури и за стоки што веќе се проверени, како и за тешка обработка на податоците за геолокација. Истото го вели и Мартин Шилер од Fairtrade Deutschland, кој проценува дека трошоците ќе бидат високи и веројатно ќе бидат пренесени на потрошувачите.
„Како точно оваа регулатива ќе влијае на цените во супермаркетите, денес не може со сигурност да се каже“, рече Дирк Хајм од REWE Group.
Сепак, Шилер предупредува дека товарот од новите барања најмногу ќе го почувствуваат малите производители во земјите од Глобалниот Југ, а може да има недостиг кај органските и сертифицираните добавувачи за фер-трговија.
„Идејата е фундаментално добра, но во нејзината сегашна форма не е чекор кон поголема правда – напротив“, заклучува Шилер.