Борбата со пожарот во ловиштето „Јасен“ продолжува и денеска

од Vladimir Zorba
20 прегледи

Борбата со големиот шумски пожар во ловиштето „Јасен“ продолжува и денеска. Во текот на ноќта, огнот се доближи до шумскиот пат кој води од влезната капија на ловиштето „Јасен“ до ресторанот на брегот на езерото Козјак, но за среќа, благодарение на претходно расчистениот терен од вегетацијата, не беше дозволено негово ширење, информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов.

Тој посочи дека во акцијата ноќеска биле вклучени припадници на Единицата за брзо распоредување со пинцгауери, вработени во ловиштето „Јасен“, пожарникари од Скопје и Македонски Брод, како и тим на Дирекцијата за заштита и спасување, кои со здружени сили не му дозволија на огнот да премине од другата страна на патот.

-Утрово започна и специфична и опасна операција за правење нов противпожарен појас на стрмниот гребен кој се спушта кон езерото, со цел огнот да биде целосно запрен. И покрај густиот чад, еден полициски и еден армиски хеликоптер веќе дејствуваат од рано утро, а се очекува приклучување и на ер трактор од ДЗС штом се расчисти видливоста, истакна Ангелов.