Владата на Христијан Мицкоски ги запре политиките на СДСМ за постојано покачување на платите и го доведе животниот стандард на граѓаните до точка на преживување, истакна денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
„Додека платите стагнираат, цените вртоглаво растат, животниот стандард на граѓаните опаѓа постојано.
Просечната плата во Македонија денеска изнесува само околу 35% од европската просечна плата, односно една третина.
Од друга страна пак, цените во Македонија се високи, и достигнуваат на 60% од европскиот просек на цени.
Тоа значи дека граѓаните во маркет, на пазар, во продавница, плаќаат речиси европски цени, а мора да живеат со трипати пониски плати.
Синдикалната потрошувачка кошничка во август достигна 65.507 денари. Двајца вработени со минимална плата во едно семејство немаат доволно пари да ги покријат основните месечни трошоци.
Минималната плата во Македонија е меѓу најниските во Европа и во регионот.
Во БиХ минималната плата е 511 евра, во Србија 500 евра, во Црна Гора од 600 до 800 евра.
Во Македонија, со власта на Мицкоски, минималната плата се држи на дното, иако требаше одамна да достигне 500 евра. Наместо тоа, работниците добиваат само трошки, леб и сол.
Погрешните економски политики на оваа влада ги заковаа платите и животниот стандард на дното во Европа.
Не може да има 6 милијади евра буџет, да нема пари за граѓаните и за работниците а да има за папаја, манго и луксузирања за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тоа мора итно да се промени. Единствената вистинска политика денес мора да биде:
Итно покачување на платите во сите сектори; Зголемување на минималната плата на 500 евра веднаш; Мерки за намалување на високите цени, како укинување на ДДВ за храна што го предложи СДСМ.
Тоа се единствени и реални политики за достоинствен живот на работниците и граѓаните“, додава таа.