Бизнисите и организациите во Велика Британија кои работат во критични сектори добија предупредување да се заштитат од кинески хакери. Три кинески компании беа посочени дека стојат зад глобални кибернапади.
Националниот центар за кибербезбедност (NCSC), дел од британската разузнавачка агенција GCHQ, заедно со безбедносни институции од 13 земји, издаде предупредувања дека организациите во клучни сектори треба активно да ги следат активностите на кинеските хакери и да ги отстранат безбедносните слабости.
Според властите, напаѓачите зад кампањата насочена кон странски влади и критични услуги, вклучително телекомуникациите, искористиле познати пропусти, наместо да користат малициозен софтвер или неоткриени слабости.
Во денешното безбедносно известување беа именувани три кинески технолошки компании за кои се тврди дека соработуваат со кинеската државна разузнавачка служба, пренесува ДПА.
Овие компании се поврзани со глобални киберактивности од 2021 година, насочени кон влади, телекомуникациски мрежи, транспортна и воена инфраструктура, вклучително и активности во Велика Британија.
Меѓу нападите е и кампањата позната како Salt Typhoon, за која американските власти тврдат дека му овозможила на Пекинг пристап до приватни пораки и телефонски разговори на непознат број Американци.
Предупредувањето беше издадено од 13 земји, меѓу кои Австралија, Канада, Нов Зеланд, САД, Велика Британија, Јапонија, Франција, Германија, Италија, Холандија, Норвешка, Финска и Естонија.