Премиерот Христијан Мицкоски вели дека државава почнува активности за проектот за изградба на третата делница од пругата кон Бугарија од Коридорот 8. Тоа следи, посочи тој, откако беа отстранети пречките од минататото и Владата донесе одука да активира грант од Европската инвестициска банка како техничка поддршка за ревизија на основниот проект, по што ќе биде објавен тендер за градежните работи.
– Третата фаза ќе биде од големо значење за нас како држава. На тој начин ќе ја потврдиме нашата цел да бидеме крстосница на многу значајни паневропски коридори 8 и 10. Третата фаза е во процес на развивање, битно е дека сите пречки од минатото што се случуваа се надминати, постигната е согласност со нашиот источен сосед. Нашиот дел, би рекол со одлуката на Владата да се активира грантот што значи техничка поддршка од страна на Европската инвестициска банка (ЕИБ) значи дека и ние почнуваме со овој проект. Техничката поддршка значи ревизија на основниот проект, ревизија на целосната документација и потоа објавување јавен повик за изградба на третата фаза, изјави Мицкоски, по увид во градежни активности на државниот пат А2, обиколница „Крива Паланка“.
Со тоа, дополни премиерот, практично ние ќе ја заокружиме целата делница која што е дел од Коридор 8, од Куманово до граница со Бугарија. Од другата страна исто така процесот добро напредува така што Коридор 8 ќе биде целосно исполнет. Во напредна фаза сме и на Кородорот 10, кој е дел од договорот со Обединетото Кралство и ќе има убави вести и моменти во периодот што следи, рече Мицкоски.