Израел размислува за анектирање на дел од окупираниот Западен Брег како можен одговор на Франција и другите земји кои објавија признавање на палестинска држава, изјавија тројца неименувани израелски претставници, додека друг официјален претставник рече дека идејата ќе биде разгледана подоцна денес на состанок на кабинетот, објави Ројтерс.
Проширувањето на израелскиот суверенитет на Западниот Брег, или де факто анексијата на територијата што Израел ја окупираше во блискоисточната војна во 1967 година, ќе биде на дневен ред на состанокот на безбедносниот кабинет на премиерот Бенјамин Нетанјаху закажан за вечерва, изјави неименуван член на внатрешниот круг на министри, објави Ројтерс.
Сè уште не е јасно каде и кога точно би се спровеле ваквите мерки, дали би се однесувале само на израелските населби, или на некои од нив, или на одредени области на Западниот Брег, како што е долината на Јордан, објави агенцијата.