Продолжен е притворот на 43- годишниот родител од Скопје, кој на 24-ти август на фудбалскиот натпревар на фудбалерите од генерација 2009-2010 година меѓу клубовите „Шкупи“ и „Брегалница“ на стадионот „Бело Брдо“ во Штип, физички напдна двајца малолетни фудбалери.
Од штипскиот суд потврдија дека на лицето А.А. од Скопје веќе му е продолжен притворот од 30 дена, по што по скратена постапка ќе следи и судење. Закажано е и судското рочиште во штипскиот Основен суд на 18-ти септември.
Обвинителството веднаш по настанот поведе и итна постапка против 43- годишниот родител за кривично дело – Насилство од член 386 став 4 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
Првостепената дисциплинска комисија на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлуки со кои се казнуваат четворица фудбалери, клубовите и официјалните лица.
Најтешка казна има за играчот на Шкупи, Абдуљи Леарт, кој физички го нападна противничкиот играч и му нанесе сериозни повреди. Според членот 43 од Дисциплинскиот правилник, тој е исклучен од фудбалската организација.
За другите двајца играчи на Шкупи, Рамадани Ибрахим и Новобрдалија Амар, кои исто така учествувале во инцидентот, е изречена казна забрана за играње во траење од три месеци.
Играчот на Брегалница, Гоцев Симеон, доби казна забрана за играње на четири натпревари, бидејќи учествувал во инцидентот со груба игра и пречекорена самозаштита.
Од ФФМ велат дека одговорност за инцидентот има и кај клубовите и официјалните лица. Двата клуба, додаваат од ФФМ, сносат организаторска и колективна одговорност за инцидентот.