Претседателот на СДСМ, Венко Филипче утрово повторно побара итна декласификација на целата документација од случајот кој власта во јавноста го презентираше како афера за прислушкување. Според него, за ова има јасна постапка по која АНБ може да ги обелодени сите информации и документи. Смета дека случајот треба да биде достапен на јавноста за да се суди дали и кој ја злоупотребил функцијата во службите за безбедност.
-Доколку АНБ ова не го направи, ќе биде јасно дека ова ќе биде уште еден неуспешен обид за манипулација. Исто како што беа случаите за неколку дестабилизации, за следење со дронови, за обиди за поткуп од странски компании на премиерот и слични приказни за кои никогаш ништо не се дозна ништо повеќе, оценува Филипче.
Лидерот на партијата од „Бихаќка“ истакнува дека ВМРО-ДПМНЕ си игра со безбедносниот апарат и го користи за дневна политика исто како што тоа го прави со сите други сериозни национални прашања.
-Ова е одлика на инфантилни политичари и популистички партии, чиј единствен интерес е како да го оттргнат вниманието од проблемите со кои се соочуваат граѓаните.
Добро е што веќе никој не им верува на овие потрошени стратегии од времето на Никола Груевски, кои сега се рециклираат во услови кога Владата нема никаков резултат, стои во објавата на Филипче.
Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, тврди дека премиерот Христијан Мицкоски не бил следен. Тој го повика актуелниот директорот на Агенцијата, Бојан Христовски веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводните злоупотреби, особено тие кои се однесуваат на прислушкување на тогашниот лидер на опозицијата од 2019 до 2022 година.
Обвинителството за организиран криминал и корупција ги проверува информациите за прислушувањето, но, во предистрагата не се откриваат повеќе детали. Актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност вели топката е кај Обвинителството. Во Јавното обвинителство велат дека нема никаква можност за незаконско следење на комуникациите.
-Обвинителството единствено ги проследува законски заснованите барања од АНБ за превентивни разузнавачки мерки до Врховниот суд, кој потоа издава соодветна наредба за реализација на мерките. Согласно со Законот за следење на комуникациите, наредби за посебни истражни мерки може да се издадат само за кривични дела строго предвидени во самиот закон, велат од државното Јавно обвинителство.
Целосно расветлување на сомнежите за прислушување побараа и новинарските здруженија.