Секој еден од нас кога е избран на било која јавна функција, презема одговорност да го застапува интересот на државата и граѓаните.
Сите ние, без оглед на тоа дали сме дел од опозицијата или власта имаме одговорност и должност да поставуваме прашања, но и да даваме одговори, точни и прецизни. Пратеничката група на СДСМ бара итна декласификација на целата документација поврзана со случајот во Агенцијата за национална безбедност, што власта сака да го претстави како наводен скандал, порача денеска пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска во изјава за медиумите.
Според неа, докази и детали нема, туку само штуро соопштение и бледи изјави кои упатуваат на скриените мотиви на власта, а тоа е овој случај да го злоупотребат и да го претворат во манипулација. Петровска е децидна дека декласификацијата е чекор кон обелоденување на вистината, а не манипулацијата.
-Декласификацијата ќе ги даде одговорите на сите прашања кои изминативе денови се поставуваат, а власта избегнува да ги одговори, криејќи се зад класифицираните документи. А за декласификација не е потребна судска одлука или насока, како што излажаа од АНБ. Законот за класифицирани информации вели дека „тој што класифицира, тој и декласифицира“. Или попрецизно член Член 14.
Промената на степенот на класификацијата го врши создавачот.
Но, има уште еден аргумент дека АНБ веднаш, без одлагање може да изврши декласификација, а тоа е членот 20, во кој стои: Информацијата која е одредена со степен на класификација нема да се смета за класифицирана информација ако со неа се прикрива кривично дело, пречекорување или злоупотреба на функцијата или некој друг незаконски акт или постапка.
Значи, ако се земат предвид сите претходни изјави од власта, за наводна злоупотреба и незаконско работење, овој член овозможува итна декласификација, без изговори и одолговлекувања, констатира пратеничката.
Петровска предлага втор чекор кон вистината, а тоа е итно свикување на Комисијата за надзор над работата на АНБ.
-Пратениците кои сме членови на Комисијата мора да спроведеме надзор во работата на АНБ и да извршиме увид во документацијата која ќе биде декласифицирана, за да може потоа да ја известиме јавноста за наодите и сознанијата од надзорот.
Со декласификацијата се надминува и пречката за свикување на седницата, а тоа е заради немање на безбедносен сертификат на претседателот.
Со ваков прагматичен пристап многу брзо ќе се одговорат сите прашања и ќе се растера маглата која ДПМНЕ ја пушта, надевајќи се дека на овој начин да се заборават досегашните скандали и ова ќе им биде изговор за спојувањето на АНБ и АР, истакна пратеничката, додавајќи дека АНБ е столб на националната безбедност.
-Таа е клучна институција за заштита на државата, граѓаните и уставниот поредок и не смее да се дозволи нејзина окупација и злоупотреба, бидејќи тоа е ризик и закана за безбедноста на земјата и рушење на столбовите на државноста, порача екс-министерката за одбрана.