Екс-министерот за надворешни работи и претседател на невладината организација „Солуција“, Никола Димитров не е преговарач за спорот со Бугарија, ниту е платен од актуелната Влада. Според информациите на „Локално“, Димитров не е владин олеснувач за проблемот во дијалогот со источниот сосед.
Позицијата на Димитров е различна од онаа на поранешниот премиер Владо Бучковски кој своевремено беше специјален претставник во преговорите помеѓу Македонија и Бугарија, назначен од тогашната централна власт. Владата на Зоран Заев на крајот на 2020 година го именуваше Бучковски за специјален претставник во преговорите со Бугарија во време кога се отвори спор меѓу двете земји притоа кон крајот на 2021 владата му го продолжи мандатот како олеснувач на дијалогот меѓу двете земји.
Како што веќе беше објавено, Димитров е ангажиран од Регионална тинк-тенк организација, поддржана од една западна земја. Организацијата во својата мрежа ангажира повеќе експерти од Европа, светот и Македонија.
-Јас сум ангажиран како експерт од страна на Балканската група за истражувачки политики, регионална невладина организација, на проект поддржан од европски донатор насочен кон придвижување на евроинтеграциите на земјите од регионот. Во тие рамки, соработувам и имам контакти со многу релевантни актери, дома, во регионот и во Европа, вклучувајќи ги тука и ЕУ институциите, владите на земјите членки, нашата влада, другите земји кандидати, како и со домашни и меѓународни реномирани експерти, изјави екс-министерот за „Телма“.
Реагираа и од официјалната македонска дипломатија. Од Министерството за надворешни работи негираат дека Димитров бил назначен за олеснувач во спорот со Бугарија. Од Министерството одговориле дека не е точна информацијата што ја објавиле дел од медиумите.
Н.П.