Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – јули 2025 година, изнесува 290 164.0 милиони денари и бележи пораст од 3.2 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – јули 2025 година, изнесува 410 470.4 милиони денари, што е за 2.7 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.
Во периодот јануари – јули 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија, кои учествуваат со 47.3 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 60.4 % во вкупната размена.