Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски информира дека за малку ќе бил презгазен од еден возач на електричен тротинет. Тој во интервју говорел за проблемот со несоодветно возење на електричните тротинети и дали има простор за поинакво делување на полицијата.
„Сега, пред да влезам кај вас во овие простори, само што не ме згази еден возач на електричен тротинет. Мислам дека беа дечиња, две малолетни лица на тротинет. Прво не смеат две лица да се возат на тротинет, ниту согласно сегашната регулатива. Ниту едното, ниту другото имаа кацига на нив, ниту едното, ниту другото беа обележени. И сега имаме регулатива којашто е поврзана со управување на тротинетите, која за жал не дава резултати. Факт е дека не дава резултати. Но, за промената на регулативата во овој дел, ни треба, навистина, малку подлабински да навлеземе во она што треба да се измени. Да, планирани се измени и во овој дел, усогласување во дел со регулативите коишто се применливи во рамки на Европската Унија, истакнал Тошковски во интервју за МИА.
Како што додава, не се чувствуваме доволно навлезени во рамки на проблематиката и тој дел не е опфатен во рамки на сегашните законски решенија.
-Дадовме простор малку подетално да навлеземе во консултација со експерти, во консултација со професорската фела, апликативно да видиме како е сето тоа применето во рамки на одредени земји од ЕУ. И мораме и во оваа насока да ја заостриме регулативата се со цел сите наши граѓани да се чувствуваат побезбедно по македонските улици кога се движат, како ние, така и оние коишто ги управуваат овие тротинети, рекол меѓу другото првиот човек на полицијата.