Вангелов: Граѓаните губат секаква надеж дека сопствените власти можат да воведат елементарен институционален ред и барем да ја ограничат, ако не ја искоренат корупцијата

„Мораме да побрзаме инаку ќе пропаднеме, нема потоа да ни дадат шанса“ -таквото константно бомбардирање на јавноста со страв го дава токму спротивниот ефект, вели Вангелов за евроинтеграциите

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин

Политикологот и поранешен член на Комисијата за историски и образовни прашања со Бугарија, Огнен Вангелов ги објави дел од пораките што нашата држава ги добиваше во изминатите децении на патот кон полноправно членство во ЕУ.

„Европа нема да чека“. „Имаме прозорец на можности.“ „Сега мора да се направи тешкиот чекор за конечно Европа да нѐ прими.“ „Уште само овие уставни измени и ако Бугарија повторно го заглави процесот тогаш ќе ги напуштиме преговорите.“ „Сите од Фон дер Лејен до Вархеји го повторуваат истото…“. Овие пораки постојано ги слушаме 15 години наназад. Кон крајот на 2000-тите пораките беа: „Оли Рен рече само уште ова да го направите (тогаш беше пречка името ), ќе тргне процесот.“ Потоа беше „Штефан Филе рече само уште ова…“ „Имате прозорец на можности.“ Пред 15 години „прозорец на можности“ можеби имаше рефлексија кај јавноста, кандидатскиот статус беше од 2005 па изгледаше дека мора да побрзаме, истакнува Вангелов, потенцирајќи дека денес ова звучи како целосно губитничка порака на елити кои немаат поим што да прават со себе, а уште помалку поим што со државата.

-А губитничка е затоа што скоро никој не верува во прозорец на можности. Таков прозорец добиваат слаби, корумпирани и нефункционални држави бидејќи логиката е следна: Сега ќе ви се отвори можност да напреднете кон ЕУ, само направете ги тие и тие отстапки, потоа тој прозорец се затвора. И во ова веруваат луѓе кои се убедени дека ние треба да останеме корумпирана, слаба, нефункционална држава бидејќи само поддршка од надвор, како ЕУ, може да нѐ доведе во ред, објавува политикологот.

Вангелов смета дека стравот од пропуштена шанса не создава енергија за промена, туку апатија и цинизам. Оценува дека граѓаните губат секаква надеж дека сопствените власти можат да воведат елементарен институционален ред и барем да ја ограничат, ако не ја искоренат корупцијата.

„Мораме да побрзаме инаку ќе пропаднеме, нема потоа да ни дадат шанса“. Според него, таквото константно бомбардирање на јавноста со страв го дава токму спротивниот ефект.

-„Прозорец на можности“ секогаш има. Исланд, Норвешка или Швајцарија и утре да побараат членство ќе го добијат за рекорден рок. Ние мора да правиме реформи без оглед дали сме или не сме во ЕУ. Ако тоа го правиме, ќе добиеме членство тогаш кога ќе го побараме, а и не мора да бидеме богати колку Исланд, Швајцарија или Норвешка. Доволно е да стасаме до нивото на Хрватска, стои меѓу другото во јавната објава на Вангелов.