Актуелниот командант на Специјалната антитерористичка единица (САЈ) при МВР Србија, Спасоје Вулевиќ, потврди дека е разрешен од должноста и дека се пензионира по сопствено барање, објави „Н1“.
Вулевиќ изјави дека во четврток е усвоена нова систематизација на работни места, а во петок бил информиран дека повеќе не се смета на него бидејќи „не е под контрола на Александар Вучиќ“.
„По завршувањето на Воената гимназија и Воената академија, поминав 33 години во САЈ. Почнав како обичен припадник на единицата, поминав низ сите линии на команда, а од 2005 година бев командант на единицата. Во петок, на 5 септември, бев разрешен и ми беше понудена позицијата советник на министерот. Ја одбив таа понуда и се пензионирам по сопствено барање“, изјавил Вулевиќ.
„Ми кажаа дека Вучиќ сака да има апсолутна контрола“
Тој додал дека за разрешувањето бил информиран од министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и директорот на полицијата Драган Васиљевиќ.
„Ми кажаа дека претседателот не сака да има вооружена формација која не е под негова апсолутна контрола и дека поради тоа повеќе не можам да бидам командант“, рече Вулевиќ.
Тој наведува дека Дачиќ му понудил позиција на советник, но тој одбил. „Размислував за тоа и решив да не ја прифатам таа понуда, туку да се пензионирам предвреме“, рекло полициското лице.
Спасоје Вулевиќ е роден во 1971 година во Пеќ, каде што завршил основно училиште. После тоа, се запишал во Воената гимназија во Белград, а потоа и во Воената академија. Работел во САЈ од 1993 година.