Петковски: Македонија денес е најсиромашната држава во Европа со разрушена економија – дали ова е краен дострел на сите генерации од 1991 па до денес

Петковски кој беше пратeник и потпретседател на првиот состав на Собранието, сепак е уверен дека идните генерации ќе ги препознаат вистинските патишта, методи и средства за обезбедување на стабилен развој на државата и од Македонија ќе направат пристојно место за живеење

од Nikola Popovski
308 прегледи

Поранешниот функционер и екс-претседател на НСДП, Тито Петковски истакнува дека граѓаните на Македонија на 8-ми Септември 1991 година добија шанса сами да одлучуваат за својата судбина и иднина, со што „станаваме свои на своето“. За Денот на независноста, Петковски дава, како што вели, реална оценка за тоа какви беа очекувањата на граѓаните и каква е денешната македонската реалност.

-Како сведок и учесник во овие значајни историски настани,мислам дека го делам мислењето на поголемиот дел од македонските граѓани, дека, најкусо речено, огромните очекувања на граѓаните се изневерени. Дали тоа е резултат на високо поставените цели на една генерација која го организираше референдумот или пак ова е краен дострел на сите генерации од тогаш па до денес. Ова е и време за преиспитување на самите себе, дали направивме се’ сонот да стане реалност.

Мора да бидеме одговорни пред себе и пред се’,пред судот на историјата и да признаеме дека малку од тие огромни очекувања се исполнија.

Македонија денес е најсиромашната држава во Европа, со разрушена економија,девастирано јавно здравство,запуштено образование.Станавме земја со висок криминал и корупција, целосно партизирана судство и обвинителството,безбедносни и контролни тела.Земјата ни е претворена во една голема депонија во која главниот град на државата се гуши во чад, и смрад и нема кој да го очисти бидејќи партиите се зафатени соизборна кампања за локални избори.Станаваме земја, која младите масовно ја напуштаат во потрага по подобар живот. Цветот на една нација во чие образование се вложени огромни средства,своето знаење го вложуваат во развојот на други држави.Конечно,и нашата статистика покажува дека,од осамостојувањето па до 2024 година,од Македонија се иселиле над 400.000 жители.Сето тоа, во услови кога бројот на семејства се намалува,деца по малку се раѓаат и многу основни училишта се затвараат,поради недостаток на првачиња, стои во објавата на поранешниот владин функционер.

Според него, на меѓународен план, Македонија се уште е само кандидат за членство во ЕУ и незаокружен меѓународен статус.

-Се тетерави и никако да го фати вистинскиот пат за меѓународна афирмација,и како народ и како држава. Ни треба едно искрено преиспитување за тоа каде погрешивме.Сигурно е дека причини има повеќе, и од домашен и од меѓународен карактер.Но, без сомнение,македонскиот од по маките започна со формирањето на политички партии на едно етничка основа, кои по правило водеа грижа само за интересите на “својата” етничка заедница но не и за државниот и општествениот интерес.А партиите се тие кои ја креираат иднината и создаваат предуслови за непречено развој на државата,градејќи стабилни институции, истакнува Петковски, објаснувајќи дека политички партии, составени на едноетничка основа, „повеќе делуваа како племенски заедници на чело со поглавица, борејќи се само интересите на тие заедници“.

Петковски кој беше пратeник и потпретседател на првиот состав на Собранието, сепак е уверен дека идните генерации ќе ги препознаат вистинските патишта, методи и средства за обезбедување на стабилен развој на државата и од Македонија ќе направат пристојно место за живеење.